Група граѓани поднесоа претставка до Уставниот суд и кривична пријава против МВР за „Safe City“

сејф сити
Фотографија: МВР

Група граѓани поднесоа обемна претставка до Уставниот суд на Република Северна Македонија, барајќи оценување на уставноста и законитоста на т.н. “Сејф сити“ („Safe City“) систем што го применува Министерството за внатрешни работи (МВР).

Паралелно со претставката, поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за сега непознати службени лица.

Според подносителите, новиот систем за санкционирање сообраќајни прекршоци – кој предвидува доставување прекршочни налози преку СМС пораки што содржат линк до PDF документ – е незаконски, технички небезбеден и неуставен.

Тие тврдат дека моделот воведува серија сериозни повреди на основни човекови права, приватноста и принципот на еднаквост на граѓаните пред законот.

Во претставката до Уставниот суд се истакнува дека СМС-доставата на прекршочни налози подразбира употреба на смартфон, интернет и специјализирана апликација за отворање PDF документи.

Законодавството не бара граѓанинот да поседува мобилен интернет или паметен уред,“ се наведува во документот. Од ова, според подносителите, произлегува дека дел од граѓаните реално се оневозможени да ја примат казната, да имаат увид во содржината или да поднесат жалба – што претставува повреда на правото на правична постапка и правна сигурност.

Дополнителен проблем, како што се наведува, е задолжителното собирање телефонски броеви за време на регистрацијата на возила и создавањето база што ги поврзува тие броеви со регистрираните возила. Ова, според граѓаните, е спротивно на Законот за заштита на лични податоци и на европската регулатива GDPR.

Поднесителите реагираат и на селективната примена на фиксни камери, кои – како што тврдат – се поставени само во одредени градови, со што се создава нееднаква правна положба меѓу граѓаните во различни региони.

Технички и правни аргументи: „СМС не е безбедно средство за службена достава“

Во документите доставени до институциите се посочува дека СМС-пораките се исклучително небезбедни и технички неподатливи за службена комуникација. Се истакнува дека СМС не обезбедува доказ за автентичност, идентитет на испраќач, точен момент на прием, ниту ја гарантира безбедноста на содржината.

Граѓаните предупредуваат дека ваквата пракса е спротивна на европската регулатива eIDAS, која утврдува строги стандарди за сигурна електронска достава, како и дека отвора пат за злоупотреби преку „spoofing“, фишинг и други сајбер напади, со што граѓаните би можеле да бидат доведени во заблуда или изложени на ризик од кражба на лични податоци.

Во кривичната пријава поднесена до Јавното обвинителство се изнесуваат сомнежи дека со воведувањето на новиот систем се исполнети елементите на неколку кривични дела: злоупотреба на службена положба, несовесно работење и неовластено собирање и обработување лични податоци.

Се наведува дека МВР воспоставило систем без соодветна законска основа и дека тоа довело до повреда на повеќе уставно загарантирани права – правото на жалба, еднаквост пред законите и заштита на личните податоци.

Групата граѓани бара Уставниот суд да поведе постапка, да ги укине сите акти и практики што го овозможуваат сегашниот модел на СМС-достава и да наложи итен прекин на примената на „Safe City“ додека не се усогласи со Уставот и европските стандарди.

Истовремено, од Јавното обвинителство се бара да покрене кривична постапка и да ги обезбеди сите релевантни докази и интерни документи од МВР.

Министерството за внатрешни работи не излезе со официјален коментар за наводите. Очекувањата се дека институциите ќе се произнесат во наредните денови.

Зачлени се на нашиот е-билтен