Падна бугарската влада: Жељазков поднесе оставка под притисок од масовните протести

По интерпелацијата и жестоките демонстрации низ Бугарија, премиерот Жељазков се повлече, неизвесно е дали следуваат нови избори или ново парламентарно мнозинство.

Бугарската влада денеска падна по оставката на премиерот Росен Жељазков, кој се повлече пред парламентот да гласа за интерпелацијата поднесена од опозицијата. Одлуката дојде по денови силен јавен притисок и масовни демонстрации низ земјата.

„Го слушаме гласот на граѓаните. Протестите беа против начините на владеење и ароганцијата на институциите. Затоа поднесуваме колективна оставка“, изјави Жељазков пред гласањето, нагласувајќи дека одлуката се носи за да се почитува волјата на народот.

Иако премиерот веќе ја најави оставката, парламентот сепак мораше процедурно да гласа за недоверба. За пад на владата гласаа 106 пратеници од ПП-ДБ, „Преродба“, „Величие“ и МЕЧ, додека ГЕРБ, БСП и „Има Такъв Народ“ решија да не учествуваат во гласањето.

Протестите кои синоќа ги наполнија улиците на Софија и други градови се оценуваат како едни од најмасовните во последните години. Илјадници демонстранти бараа оставка и повикуваа на крај на „корупцијата и мафијата“.

Политичката криза се случува само неколку недели пред планираниот влез на Бугарија во еврозоната на 1 јануари. Дел од опозицијата, меѓу кои и претседателот Румен Радев, бараа референдум за воведувањето на еврото, но иницијативата беше одбиена.

„Незадоволството е широко и очигледно. Не може да се прикрие со контрамитинзи. Бугарите се огорчени од провокациите и од однесувањето на власта“, порача Радев во својот говор до јавноста.

По оставката, останува нејасно дали земјата ќе оди на нови предвремени избори или ќе се бара ново парламентарно мнозинство што би формирало техничка или политичка влада.

Зачлени се на нашиот е-билтен