Криптовалутите во криза, аналитичарите велат дека актуелниот пад има поинаква природа

Пазарот на криптовалути веќе втор месец се соочува со сериозна криза, при што загубите се проценуваат на стотици милијарди долари. Според аналитичарите, иако ваквите падови не се непознати за овој пазар, сегашната состојба се разликува по својата природа и причините што ја предизвикаа.

Податоците на специјализираната платформа CoinGecko покажуваат дека вкупната пазарна капитализација во втората половина од годинава се намалила од околу 3,75 билиони долари на приближно 3,1 до 3,2 билиони долари. За релативно краток временски период, од пазарот исчезнале повеќе од 600 милијарди долари вредност.

Како клучни фактори за падот се посочуваат зголемената макроекономска неизвесност, најавите за нови царини од страна на Доналд Трамп, стравувањата од повторен инфлациски притисок, како и очекувањата за побавни и помали намалувања на каматните стапки. Дополнително, пазарот е под притисок и поради масовното затворање позиции, намаленото институционално инвестирање и традиционално послабиот обем на тргување во декемврискиот период.

Аналитичарката на Deutsche Bank, Марион Лабуре, оценува дека актуелната криза е последица на зголемената зрелост и легитимност на криптовалутите, поради што нивните движења сè повеќе наликуваат на оние на класичните финансиски пазари.

„За разлика од претходните падови, кои во голема мера беа резултат на шпекулативно однесување на малите инвеститори, сегашниот пад се случува во услови на значително институционално учество, регулаторен напредок и силно влијание на глобалните макроекономски трендови“, посочува Лабуре.

Голем дел од аналитичарите сметаат дека станува збор за длабока, но здрава пазарна корекција во рамки на подолг циклус и очекуваат постепено стабилизирање и закрепнување во текот на наредната година.

Сличен став изнесува и Ник Пакрин, инвестициски аналитичар и коосновач на платформата The Coin Bureau, кој нагласува дека криптопазарите сè почесто функционираат според логиката на традиционалните берзи.

„Во моментов навистина се наоѓаме во криптокриза, но историјата покажува дека најтешките периоди често се вовед во најсилните опоравувања. За долгорочните инвеститори ова може да претставува можност, додека за краткорочните трговци ризикот останува исклучително висок“, вели Пакрин.

Регулацијата како фактор на трансформација

Иако криптовалутите првично беа замислени како нерегулиран дигитален финансиски инструмент, нивната улога денес сè повеќе се обликува во рамки на институционални и регулаторни системи.

Во Европската Унија, регулативата за пазарот на криптоимот (MiCA) стапи во сила во 2023 година, воведувајќи постепени, но унифицирани правила за издавање, тргување и надзор, со цел зголемена транспарентност и подобра заштита на инвеститорите.

Слични процеси се одвиваат и во САД, каде федералните институции годинава воведоа построга контрола, но и појасна регулаторна рамка за конверзија на криптовалутите во традиционални валути.

Според аналитичарите од платформата Bitunix, криптопазарот влегол во фаза на „институционализација со зголемена чувствителност“, во која регулацијата носи поголема стабилност и ликвидност, но истовремено го прави пазарот поранлив на геополитички и економски шокови.

Очекивања за закрепнување со зголемена претпазливост

Извршната директорка на Ark Invest, Кети Вуд, оценува дека актуелниот пад е привремен и дека враќањето на ликвидноста, заедно со технолошкиот напредок, ќе придонесе за повторен раст на криптовалутите.

Сепак, таа предупредува дека високите каматни стапки, ограничената ликвидност и зголемениот претпазлив пристап на инвеститорите продолжуваат да вршат притисок врз ризичниот капитал, вклучително и криптоимотот.

И покрај умерениот оптимизам, дел од аналитичарите сметаат дека нестабилноста може да продолжи поради глобалната економска и геополитичка неизвесност. Сепак, преовладува ставот дека на долг рок криптовалутите ќе влезат во нов циклус на раст.

Зачлени се на нашиот е-билтен