Една од најголемите руски нафтени рафинерии, „Славнефт-ЈАНОС“ во Јарослављ, била погодена во синоќешен напад со дронови, по што во постројката избувнал пожар, јавуваат локални власти и канали на Телеграм, пренесува „Киев Индипендент“.
Станува збор за рафинерија која се наоѓа на повеќе од 700 километри од украинската граница и е меѓу петте најголеми вакви капацитети во Русија.
Жителите на Јарослављ пријавиле најмалку седум експлозии над градот, по што набргу се појавиле информации за пожар во рафинеријата. Гувернерот на регионот, Михаил Евраев, претходно предупредил на можни напади со дронови, а податоците од отворени извори (OSINT) потврдиле дека објектот бил погоден.
Независниот руски Телеграм-канал „Астра“ објави фотографии и видеоснимки од пожарот во рафинеријата.
Рафинеријата „Славнефт-ЈАНОС“ е клучен производител на горива, меѓу кои бензин, дизел и авионско гориво. Нејзиниот годишен капацитет за преработка изнесува околу 15 милиони тони сурова нафта, што ја прави објект од големо стратешко значење.
Во текот на ноќта биле пријавени напади и во други руски региони, меѓу кои Твер, Смоленск и Москва. Во Твер, според локалните власти, експлозија на дрон оштетила долни катови на станбена зграда, при што биле повредени седум лица. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руската противвоздушна одбрана пресретнала осум дронови кои се движеле кон главниот град.
Обемот на штетата во Јарослављ засега не е официјално потврден, а Украина не се огласи по повод нападот. Познато е, меѓутоа, дека Киев во повеќе наврати користи домашно произведени далекуметни дронови за напади врз руската нафтена инфраструктура, со цел да го ослаби еден од главните извори на финансирање на војната.