Истражување на Би-Би-Си откри глобална мрежа на измамници кои систематски ги искористувале децата заболени од рак за да прибираат милиони долари преку лажни хуманитарни кампањи, додека семејствата на болните деца добивале симболични суми или ништо.
Според истрагата, очајни родители биле убедувани да дозволат снимање емотивни видеа од своите деца, често под крајно манипулативни и сурови услови. Децата биле присилувани да плачат, да читаат однапред подготвени текстови и да глумат медицински третмани, со цел да се извлечат што повеќе донации од јавноста.
Манипулација со болката на децата
Една од жртвите бил седумгодишниот Калил од Филипините. Неговата мајка прифатила снимање видео во надеж дека ќе се соберат средства за лекување. Детето било избричено, поврзано на лажна инфузија и изложено на манипулации за да изгледа послабо и да плаче пред камера. Кампањата собрала околу 27.000 долари, но семејството добило само 700 долари. Калил починал една година подоцна.
Избор на деца по изглед и возраст
Би-Би-Си идентификувал најмалку 15 семејства со слични искуства. Девет од нив тврдат дека не добиле ништо од вкупно околу четири милиони долари собрани во име на нивните деца. Според сведоштво на свиркач, организаторите барале „убави деца“, на возраст од три до девет години, без коса, критериуми кои дополнително ја нагласуваат бруталноста на шемата.
Клучна фигура во мрежата, според истрагата, е израелски државјанин со престој во Канада, чие име се појавува во документацијата на повеќе сомнителни организации.
Кампањи од Филипини до Украина
Истражувањето открило десетици професионално изработени видеа со болни деца од различни делови на светот, од Филипините и Гана, до Колумбија и Украина. Во некои случаи, родителите дури и не знаеле дека е покрената кампања во име на нивното дете, иако биле собрани стотици илјади долари.
Во Украина, мајка на петгодишно девојче со тумор на мозок дознала за кампањата дури по истражувањето на новинарите. Иако биле собрани повеќе од 280.000 евра, семејството не добило никаква финансиска помош.
Лажни оправдувања и продолжување на измамата
Организаторите на кампањите на семејствата им објаснувале дека поголемиот дел од средствата биле потрошени за маркетинг и рекламирање. Експерти за добротворни организации, сепак, нагласуваат дека таквите трошоци не би требало да надминуваат 20 проценти од вкупно собраните средства.
И покрај истрагата, дел од кампањите и понатаму се активни, а некои од организациите продолжуваат да дејствуваат под нови имиња. Обидите на Би-Би-Си да добие официјални одговори од посочените лица и организации останале без успех.
„Кога животот на вашето дете виси на конец, а некој заработува од тоa, тоа не е само измама, тоа е валкан и крвав бизнис“, изјави една од мајките чие дете повторно се соочува со тешка дијагноза.