Двајца пријатели од детството, Сатиш Катик и Саџид Мохамед, доживеаја редок пресврт што може трајно да им ги промени животите. Во регионот Пана, во централна Индија, област позната по ископување дијаманти, тие на изнајмена парцела открија блескав камен за кој подоцна беше утврдено дека е дијамант од 15,34 карати.
Според проценката на официјалните служби, станува збор за дијамант со исклучително висок квалитет, чија пазарна вредност се движи меѓу пет и шест милиони рупии, односно околу 55.000 до 66.000 американски долари, пренесува BBC.
Каменот е предаден на државен проценител и наскоро ќе биде понуден на аукција, која се одржува на секои три месеци и привлекува купувачи од Индија и од странство. Вредноста, како што објаснуваат надлежните, зависи од курсот на доларот и од критериумите на т.н. „Rapaport“ извештај, глобален репер за цените на дијамантите.
Катик (24), кој работи како месар, и Мохамед (23), продавач на овошје, доаѓаат од сиромашни семејства и се најмлади синови. Нивните семејства со генерации се обидувале да пронајдат дијамант, како и многу други жители на овој регион. „Сега можеме да ги омажиме нашите сестри“, изјавија тие, нагласувајќи дека тоа им е прв и најважен приоритет.
Областа Пана, сместена во сојузната држава Мадја Прадеш, се смета за една од најсиромашните во Индија, со хроничен недостиг од вода, ограничени можности за работа и висока невработеност. Истовремено, токму таму се наоѓаат и најголемите резерви на дијаманти во земјата, што секоја година ги привлекува локалните жители да ја бараат својата среќа во земјата.
Иако повеќето рудници се под контрола на државата, властите издаваат мали парцели под закуп по симболични цени. Сепак, за мнозинството луѓе, потрагата завршува без резултат.
Мохамед раскажува дека неговиот татко и дедо со децении копале на тие места, но никогаш не пронашле ништо повеќе од прав и кварцни трошки. Сепак, семејството верува дека трпението конечно било наградено.
Иако парите сè уште не се исплатени, двајцата пријатели велат дека не размислуваат за преселба, купување земја или проширување на бизнисот. „Барем засега, најважно ни е да ги обезбедиме свадбите на нашите сестри“, велат тие.