МНР на Грција до Мицкоски: Уставното име на вашата држава е Северна Македонија

Грција

Министерството за надворешни работи на Грција реагира на исказот на премиерот Христијан Мицкоски на ТВ Сител кога рече дека го вратил името, коментирајќи ги критиките од СДСМ дека не може да му се верува.

МНР на Грција во реакцијата го потсетуваат Мицкоски „дека уставното име на соседната држава е „Северна Македонија“, како што е јасно предвидено во член 1 од Преспанскиот договор.

„Преспанскиот договор претставува составен дел од Уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво. Секој обид за менување или искривување на содржината на Договорот нема да биде прифатен од грчката страна“, се вели во реакцијата од Атина објавена на веб страницата на МНР на Грција.

Во реакцијата се наведува дека „Преспанскиот договор претставува дел од меѓународното право, а почитувањето на него е фундаментален предуслов за мирен соживот на народите и државите. Во меѓународните договори не постојат фактички ситуации; нивното спроведување е униформно и универзално“.

„Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на нејзиниот процес на пристапување кон Европа се условени од принципот дека договорите треба да се почитуваат и од почитувањето на принципот на добрососедски односи“, се нагласува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Грција.

Зачлени се на нашиот е-билтен