Апсења на млади демонстранти во Мароко: Беа тепани и со часови без храна и вода

Во пресрет на домаќинството на Африканскиот куп на нации в недела, Мароко се соочува со сериозни обвинувања за масовни и произволни апсења, како и за брутално постапување кон млади демонстранти, предупредуваат организации за човекови права.

Протестниот бран, предводен од млади луѓе од таканаречената генерација З и познат како „Gen Z 212“, ја зафати земјата кон крајот на септември и почетокот на октомври. Станува збор за најмасовните протести од Арапската пролет во 2011 година, со главни барања за реформи во недоволно финансираните сектори здравство и образование, објави „Гардијан“.

Според невладините организации, властите одговориле на протестите со апсење на илјадници луѓе. Многумина од нив, како што се наведува, биле претепани во полициски притвор и со часови оставани без храна и вода.

„Мојот син беше во локал на вечера кога беше уапсен. Воопшто не учествувал на протест“, изјавила мајката на 18-годишно момче, кое поминало повеќе од два месеца во притвор. Таа тврди дека при апсењето бил толку силно удрен што изгубил неколку заби, а повторно бил претепан во притвор бидејќи одбил да потпише полициски записници.

Според претседателката на Мароканското здружение за човекови права (AMDH), Суад Брахма, демонстрантките биле изложени на вознемирување, навреди и груби, сексистички коментари, а дел од нив пријавиле и случаи на несоодветно допирање.

За време на протестите на 1 октомври во градот Лклиа, во близина на туристичкиот центар Агадир, безбедносните сили наводно застрелале и убиле тројца демонстранти, додека уште 14 биле ранети, меѓу кои и деца на возраст од 12 години со прострелни рани.

Властите тврдат дека полицијата реагирала откако група демонстранти упаднала во локална полициска станица. Според „Амнести интернешнл“, досега кривично се гонети повеќе од 2.400 лица, а десетици учесници на мирни протести се обвинети за насилни дела.

Многу од приведените веќе се осудени на затворски казни, некои и до 15 години. AMDH предупредува на отсуство на адвокати при сослушувањата, површни истраги и непочитување на презумпцијата на невиност. Стотици луѓе, меѓу кои и деца, сè уште се во притвор.

Портпаролот на „Хјуман рајтс воч“, Ахмед Бенчемси, смета дека владата со ваквите потези сакала да испрати јасна порака. „Владата очигледно се исплаши и ја оркестрираше оваа репресија за да покаже дека нема да толерира никаков облик на несогласување“, изјави тој.

Иако властите најавија посветеност на социјални реформи и зголемување на буџетите за здравство и образование, во неколку градови повторно избија немири, а демонстрантите бараат ослободување на притворените.

Дополнителен револт предизвикаа и бујните поплави што неделава однесоа 37 животи во покраината Сафи, при што демонстрантите ја обвинуваат владата дека дава приоритет на меѓународни престижни проекти, наместо на основната инфраструктура.

Според активистите, стравот меѓу младите е сè уште силен поради наводните тепања и изнудени признанија во притвор. „Слушнавме ужасни сведоштва за тортура додека биле во полициски притвор“, изјави Мустафа Елфаз од марокешката подружница на AMDH.

Една мајка раскажала дека нејзиниот син и негов пријател биле тепани со електрични жици по нозете, а трагите од повредите биле видливи со недели. Нејзиниот син и натаму се наоѓа во затвор.

Адвокат од Казабланка, кој волонтерски ги брани демонстрантите, за „Гардијан“ изјавил дека постојат сериозни процедурални прекршувања при апсењата и притворите, како и дека строги казни се изрекуваат врз основа на недоволни докази. Од друга страна, мароканските власти тврдат дека сите постапки биле спроведени во согласност со правото на фер судење.

Минатата недела полицијата привела шест членови на семејствата на две жртви убиени во Лклиа, додека мирно стоеле пред парламентот во Рабат држејќи фотографии од своите блиски. Според семејствата, полицијата им ги одзела мобилните телефони и ги избришала сите содржини поврзани со собирот.

Властите, пак, соопштија дека лицата не биле уапсени, туку одведени во полициска станица бидејќи одбиле да се разотидат. „Само бараме правда, транспарентна истрага и одговорност за виновните“, изјави роднина на 24-годишниот филмаџија Абдесамад Убалат, кој загинал за време на протестите.

Зачлени се на нашиот е-билтен