Двајца рудари го загубија животот во понеделникот наутро при експлозија на метан во рудник за јаглен во јужниот полски град Павловице, соопшти управата на рудникот.
Експлозијата се случила на длабочина од околу 900 метри, информира рударската компанија Јастшебска Сполка Веглова. Во близина на местото на несреќата се наоѓале десет рудари, од кои осум успеале навреме да се извлечат на безбедно. Контактот со двајца рудари, на возраст од 40 и 41 година, бил изгубен.
По седум часа потрага, тие биле пронајдени без знаци на живот.
Со оваа несреќа, бројот на загинати рудари во Полска од почетокот на годинава се искачи на 15, соопштија надлежните рударски служби.
Полскиот премиер Доналд Туск упати сочувство до семејствата на загинатите, додека претседателот Карол Навроцки изјави дека веста за несреќата ја примил „со голема тага“.