Собранискиот спикер, Африм Гаши зборувајќи за работата на Собранието рече дека едно од решенијата за намалување на бројот на закони по скратена постапка е календарот за работа на Парламентот што треба да се донесе во јануари. Според него само така Владата, предлагачите на законите, но и министерствата и администрацијата ќе можат да ги планираат кога да ги достават законите до Собранието.
„Прво, веднаш планираме во јануари да донесеме календар. Ќе предложиме на координација, календар на активности и на пленарни седници по кои ќе комуницираме со Владата, и тие ќе знаат точно кои месеци, кои денови точно ние планираме пленарни седници. Кога сакаат да им се донесе закон, ќе знаат точно кога да го пратат. И ќе треба сензибилизација. Јас мислам дека не е работата само до Владата. Имаме, за жал, неквалитетна или недобра култура во однос на меѓуинституционалната работа помеѓу ресорите и службите што работат во министерствата, и во Собрание. За 34, 35 години така се научени побрзо да ги завршат работите. Мислат дека Собранието треба да биде гласачка машинерија за носење на закони. Тој пристап мора да се смени“, рече Гаши за МИА.
Законите, додава тој, треба да се донесат во редовна постапка, затоа што така ќе имаме можност и за поголема промоција и вклученост на експертската јавност.