Канал 103 со целодневна посвета за 81 година Македонско радио

„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ – реченицата со која Владо Малески, писател и борец во НОВ, на 28 декември 1944 година го означи почетокот на Македонското радио, повторно станува централна фраза во етерот. Точно 81 година подоцна, Канал 103 денеска (28 декември) подготви целодневна програмска посвета со наслов „Зборуе Радио Скопје“, како потсетување на моментот кога првите зборови прозвучеа за време на Второто заседание на АСНОМ.

Од Канал 103 најавуваат „отворена програма“ која ќе ја спои радио-архивата со современи, експериментални пракси и со нови генерации автори, со акцент на разновидноста на гласови и формати. Во рамки на програмата се најавени и настапи во живо на Член 16, alone in a crowded room и Александар Ордев, а преку соработка со Радио МОФ и Моно-тон ќе биде направен пресек на македонските музички изданија објавени во 2025 година.

Програмската посвета започнува во 13 часот и ќе трае до полноќ. Освен на каналите на Канал 103, емитувањето ќе оди и преку Cashmere Radio од Берлин, како дел од тековната партнерска соработка меѓу двете радија, а содржините ќе бидат присутни и во рамки на ФИЈУК, саемот на независно издаваштво.

Зачлени се на нашиот е-билтен