Силјановска-Давкова ги предложи Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ за Судскиот совет

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова достави до Собранието два предлога за членови на Судскиот совет – адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ. Со ова, по подолг застој, треба да се пополнат двете места што ѝ припаѓаат на шефицата на државата во составот на највисокото судско тело.

Потегот доаѓа откако беше усвоен новиот Закон за Судскиот совет, а од Кабинетот на претседателката беше најавено дека предлозите ќе бидат доставени по истекот на „vacatio legis“ и по стапувањето во сила на законските измени. Во новогодишното интервју за МТВ, Силјановска-Давкова најави дека ќе предложи „две жени реформаторки“, професорка и адвокатка, со висок углед во правничката фела.

Според информациите објавени во медиумите, Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера и претходен ангажман како член на Комисијата за помилување, додека Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишна пракса, препознатлива особено во кривични предмети.

Судскиот совет има 15 члена: осум ги избираат судиите од своите редови, тројца ги избира Собранието (со Бадентерово мнозинство), двајца предлага претседателот на државата, а двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои присуствуваат на седниците без право на глас. Предлозите се очекува да влезат во собраниска процедура од понеделник.

Зачлени се на нашиот е-билтен