Во Крушево водата од чешма превентивно не се препорачува да се пие без претходно превривање, поради заматување што се појавува по обилните дождови и поплавите во околните села. Апелот го упатија од Јавното претпријатие „Комуна“, со препорака граѓаните од целата општина да ја превриваат водата најмалку 10 минути пред консумирање.
Од Општина Крушево информираат дека и денес продолжува санацијата на штетите од поплавите во градот и околината, а екипите на ЈП „Комуна“ се на терен за зголемена безбедност и нормално одвивање на сообраќајот. Општината дополнително апелираше граѓаните да бидат внимателни поради појава на мраз, со оглед на ниските температури по врнежите.
Крушево, според надлежните, е меѓу општините што претрпеа најголеми штети од поплавниот бран што ја зафати земјава, а теренските интервенции продолжуваат и во дел од околните населени места.