Група европски земји, предводени од Германија и Велика Британија, подготвуваат координиран воен одговор на Арктикот за да се спротивстават на обидите на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд, објави Блумберг.
Според извори блиски до ова прашање, Берлин се подготвува да му предложи на НАТО создавање мисија наречена „Арктичка стража“.
Операцијата, моделирана според надзорот на критичната инфраструктура во Балтичкото Море, има за цел да го обезбеди регионот од руското и кинеското ривалство, а во исто време да му покаже на Вашингтон дека Европејците обезбедуваат стабилност на далечниот север.
Кога беше прашана од британската телевизиска мрежа Би-Би-Си, британската министерка за транспорт Хајди Александар ги опиша разговорите како „рутински“, негирајќи дека тие претставуваат итен одговор на изјавите на американскиот претседател.
Иако Лондон ја дели оценката на Белата куќа за растечките ризици на Арктикот, министерот нагласи дека станува збор за мултилатерална рамка.
„Од клучно значење е да направиме сè што е можно со нашите сојузници од НАТО за да обезбедиме ефикасно одвраќање против (рускиот претседател) Владимир Путин во овој регион на светот“, рече британскиот министер.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, кој ќе се сретне со својот американски колега Марко Рубио следната недела, рече дека безбедноста на Арктикот станува клучна.
„Сакаме да разговараме во рамките на Алијансата за тоа како можеме заедно да ја преземеме оваа одговорност“, додаде германскиот министер.
Пред некое време, британскиот Телеграф пишуваше за планот на Велика Британија, Германија и Франција, кој во раните фази би можел да вклучува распоредување војници, воени бродови и авиони, или комбинација од временски ограничени вежби.