По германската најава дека ќе испрати 13 војници на извидувачка мисија во Гренланд, Франција ја подигна рампата уште повисоко: претседателот Емануел Макрон соопшти дека Париз ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни сили како засилување на присуството во арктичката територија.
Макрон објави дека првите француски војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, како дел од заеднички активности со низа европски партнери. Според достапните информации, станува збор за ограничен контингент специјализиран за студени и планински услови, кој треба да биде надграден со копнени, поморски и воздушни капацитети во наредните денови.
Официјалното објаснување е „вежба“ и „поддршка на безбедноста“, но политичката порака е далеку погласна од воената бројка. Макрон предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што внесуваат сомнеж „дури и меѓу сојузниците“ – директна алузија на најновите притисоци од Вашингтон околу идниот статус и контролата врз островот.
Германија, според соопштението, ја праќа мисијата на покана на Данска и со задача да ги „истражи опциите“ за безбедносен придонес, меѓу кои се споменуваат и активности како поморски надзор. Паралелно, и други северноевропски земји најавија учество со персонал, што ја претвора иницијативата во поширок европски одговор, а не во изолиран потег на една земја.
Времето не е случајно. Распоредувањето беше соопштено истиот ден кога дански и гренландски претставници разговараа со највисоки американски функционери во Вашингтон, средба по која, според медиумските извештаи, останале „фундаментални разлики“ околу тоа како САД, Данска и Гренланд ја гледаат иднината на островот. Во таква атмосфера, „вежбата“ станува дипломатски алат: да се покаже дека Копенхаген и европските сојузници ја третираат арктичката безбедност сериозно – но и дека прашањето за суверенитет не е тема за преговарање под закана.
Гренланд, со својата стратешка позиција и ресурсен потенцијал, одамна е геополитичка цел; ново е тоа што реториката отворено се претвора во безбедносно позиционирање меѓу НАТО партнери. Локалните власти веќе најавуваат дека ќе има повеќе воени летови и бродови во следните денови – што значи дека „вежбата“ ќе се чита како сигнал и во Вашингтон, и во Москва, и во Пекинг.