ЕУ свика итен состанок поради заканите на Трамп: Лидерите на европските земји се бесни: „Нема да им дозволиме да нè уценуваат!“

Францускиот претседател нагласи дека Европејците ќе одговорат на унифициран и координиран начин со цел да се обезбеди почитување на европскиот суверенитет, објави „Фигаро“.

Итен состанок на амбасадорите на Европската Унија е закажан за денес во Брисел, откако претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп во саботата објави дека ќе воведе царини за стоки од осум европски земји во врска со ситуацијата околу Гренланд, објави Ројтерс, повикувајќи се на дипломати од ЕУ.

Средбата ја организираше Кипар, кој моментално претседава со ЕУ.

Амбасадорите на 27-те земји од ЕУ ќе се состанат на итен состанок поради ескалацијата на кризата околу Гренланд, а на ваквите состаноци амбасадорите обично подготвуваат практични мерки за дискусија на следните министерски состаноци на Советот на ЕУ.

Вчера Трамп објави воведување царини од 10 проценти во февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, кои, како што рече, подоцна ќе бидат зголемени на 25 проценти и ќе останат на сила додека САД не постигнат договор за купување на Гренланд.

Лидери на европските земји: Погрешен потег, работиме на одговор
Британскиот премиер Кир Стармер синоќа изјави дека САД направиле грешка со тоа што се заканиле со нови царини за европските земји, додека францускиот претседател Емануел Макрон го оцени потегот на САД како неприфатлив.

„Примената на царини за сојузниците заради колективната безбедност на сојузниците од НАТО е целосно погрешна. Секако, за ова ќе разговараме директно со американската администрација, рече Стармер“, објави Ројтерс.

Тој го повтори ставот на Велика Британија дека иднината на Гренланд е одлука што треба да ја донесат Данска и Гренланд.

Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, реагираше на објавувањето на царините синоќа, велејќи дека американските закани се неприфатливи.

„Никакво заплашување или закани не можат да влијаат врз нас. Заканите со царини се неприфатливи“, рече Макрон на мрежата X откако американскиот претседател Доналд Трамп вети нови царини против Франција.

Францускиот претседател нагласи дека Европејците ќе одговорат на унифициран и координиран начин со цел да се обезбеди почитување на европскиот суверенитет, објави „Фигаро“.

Макрон, исто така, потсети дека Франција, во име на суверенитетот и независноста на народот, одлучи да се придружи на воената вежба организирана од Данска во Гренланд.

„Ние стоиме зад оваа одлука. Ова е исто така затоа што безбедноста на Арктикот и на границите на нашата Европа е во прашање“, рече Макрон.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон, во својата реакција на објавата на Трамп, рече: „Нема да им дозволиме да нè уценуваат“, објави денес Би-Би-Си.

„Шведска во моментов води интензивни разговори со други земји од ЕУ, Норвешка и Велика Британија со цел да се најде заеднички одговор“, изјави тој.

Во истата пригода, се обрати и министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен, кој оцени дека американската закана „дојде како изненадување“.

Во меѓувреме, германскиот европратеник Манфред Вебер, шеф на конзервативната група на ЕНП, рече дека потегот на Трамп покренува прашања за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД договорен минатата година, кој сè уште не е ратификуван.

„ЕНП е за трговски договор меѓу ЕУ и САД, но со оглед на заканите на Трап во врска со Гренланд, одобрувањето не е можно во оваа фаза“, напиша Вебер на мрежата X.

Заканувачката најава на Трамп

„Почнувајќи од 1 февруари, Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска ќе се соочат со царини од 10 проценти за стока испратена во Соединетите Држави“, напиша Трамп во објавата.

Тој објави дека од 1 јуни 2026 година царините ќе се зголемат на 25 проценти и ќе останат во сила „додека не се постигне договор за целосно предавање на Гренланд“.

Претседателот на САД рече дека САД мора да го поседуваат Гренланд за безбедноста на Арктикот, велејќи дека во спротивно Русија или Кина ќе го преземат островот.

Зачлени се на нашиот е-билтен