Синхронизација на Мицкоски со провладините медиуми: Удрија и по Пендаровски

Мицкоски

Очигледена е синхронизацијата на Владата, односно на премиерот Христијан Мицкоски со провладините медиуми во нападите врз актуелните и поранешните лидери на опозицијата. После медиумски напад врз претседателот на СДСМ Венко Филипче, со изјавата на Жан Митрев дека Филипче и Заев за време на Ковид-19 кризата, сакале да му ја преземат клиниката, денес Мицкоски го прошири нападот и врз поранешниот претседател Стево Пендаровски.

„Ние знаевме какви мафијашки упади се случуваа, посебно во тој период кога се носеше таа би рекол вонредна состојба, кога со уредби со сила на закон се надсинхронизираше законот и Уставот во Македонија. Има многу сведоштва што говорат за однесувањето на Владата во тој период. Вие знаете, сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски Стево во тој период стојат непоминати во Собранието“, рече Мицкоски во првиот дел од неговата изјава.

Дека овие напади имаат предисторија, односно дека се подготвувани, говори и делот на изјавата на премиерот каде што тој најавува дека за ова очекува да се произнесе и Собранието.

„Треба да видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател Пендаровски Стево и пред законите и пред Уставот, затоа што постојат основани сомневања дека голем дел од тие одлуки се и спротивни на закон и спротивни на Устав. Така што еве јас ќе чекам да видам Обвинителството дали ќе постапува по допрен глас, истото што го чекаат сите граѓани во Македонија“, одговори Мицкоски на прашање по обвинувањето од хирургот Жан Митрев дека Филипче и СДСМ сакале да му ја преземат приватната клиниката.

Вчера Филипче директно го повика и Жан Митрев да постапи институционално, доколку има какви било докази за наводите изнесени во медиумскиот настап.

„Го повикувам Жан Митрев нека отиде кај обвинител и нека поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон. Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави“, подвлече Филипче.

Инаку, според опозицијата и дел од аналитичарите, овие синхронизирани доаѓаат во период кога Власта се обидува да го дефокусира вниманието од прашањата за кои нема одговор како што се дупките во Буџетот поради кои нема пари да се зголемат платите и пензии, за мигрантите, за црниот капитал преку Алата банка, за корумпираните тендерски постапки насекаде во државата и за некои други.

Зачлени се на нашиот е-билтен