СДСМ: Дефокус на ВМРО преку Алфа и Жан додека се носат 10.000 „сезонски работници“

СДСМ

Додека јавноста е бомбардирана со лажни и измислени афери со координирани напади преку Алфа ТВ, лажните изјави на Жан и кујните, Владата на ВМРО носи 10.000 „сезонски работници“.

Ова се истакнува во соопштението на СДСМ денеска, во кое се укажува и на „дупката во буџетот од 2 милијарди евра“.

„Дупката во Буџетот е веќе 2 милијарди евра, нема пари за плати и пензии поради криминалните тендери. Како ќе се обезбедат 6 милијарди евра кредит? Преку познатиот договор кој го објавија британските медиуми. Како ќе се сокрие тоа од јавноста? Со дефокус, измислен „рекет“, црна кампања и брутален јавен линч против претседателот на СДСМ, Венко Филипче и членовите на партијата“, се нагласува во обраќањето до јавноста утрово на СДСМ.

Од опозициската партија истакнуваат дека власта „сее магла, преку Алфа ТВ, Геро, Бетмен Велит, преку Ивона позната по врската со Латас, Наум Стоилковски, преку медиумскиот октопод Алфа–Алта, создаден од ВМРО а финансиран со пари на граѓаните на Македонија, кои се испумпуваат преку тендери“.

Станува збор, сметаат во СДСМ, за „дефокус за пренасочување на вниманието на јавноста од вистинските економски проблеми на граѓаните и главната тема, мигранти за пари. СДСМ ќе продолжи да ја разобличува секоја лага на кујните на ВМРО, секој дефокус и секоја злоупотреба“.

Зачлени се на нашиот е-билтен