Трамп од Давос бара „итни преговори“ за Гренланд, но вели без сила

Американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање на Светскиот економски форум во Давос повторно ја турна во прв план идејата САД да го преземат Гренланд, оценувајќи дека островот е клучен за „националната“ и пошироката безбедност, и дека „ниедна земја или група земји“ не може да го обезбеди како што може Вашингтон.

Во истото обраќање Трамп нагласи дека нема да употреби воена сила за да дојде до Гренланд, но истовремено ја повтори формулата за „итни преговори“ со Данска и инсистираше дека САД мора да имаат „сопственост“ за да го бранат островот, а не само присуство или договори од типот „закуп“.

Реториката ја засили со критика кон Данска како сојузник во НАТО, тврдејќи дека Копенхаген не е во состојба да ја брани својата автономна територија и дека Гренланд му е потребен на Вашингтон и за системи на ракетна одбрана, вклучително и проектот што го нарече „Golden Dome“.

Најконтроверзниот дел од настапот беше историската споредба со Втората светска војна: Трамп рече дека САД ја „спасиле“ Данска и дека без американската улога „денес ќе се зборуваше германски или јапонски“, додавајќи дека враќањето на Гренланд под Данска по војната било „глупава грешка“ и дека денес Данска е „неблагодарна“.

Изјавите веднаш ја отворија старата, но сега значително поостра линија на раздор меѓу Вашингтон и европските партнери, затоа што Гренланд, иако има широка автономија, формално е дел од Кралството Данска, членка на НАТО. Данскиот шеф на дипломатијата Ларс Локе Расмусен оцени дека е „позитивно“ што Трамп ја тргнал воената опција од маса, но дека тоа не го решава суштинскиот проблем што го создава барањето за преземање на територија на сојузник.

Зачлени се на нашиот е-билтен