Европскиот парламент, денеска го одобри спроведувањето на постапката за засилена соработка, што отвори пат за заем од Европската Унија за Украина во износ од 90 милијарди евра.
Заемот беше политички договорен на самитот на Европската Унија во Брисел на 18 декември 2025 година, додека Европската комисија формално го презентираше на 14 јануари оваа година. Со оглед на тоа што Чешка, Унгарија и Словачка не ја поддржуваат оваа иницијатива, договорот беше постигнат со користење на механизмот за засилена соработка.
Тоа е инструмент предвиден во Договорите за Европската Унија, кој им овозможува на група земји-членки да ја продлабочат соработката во одредени области кога нема едногласна поддршка за ова на ниво на целата Унија. Примената на овој механизам бара согласност од Европскиот парламент.
Европскиот парламент ја донесе одлуката со 499 гласа „за“, 135 „против“ и 24 „воздржани“. Пратениците веќе еден ден претходно одлучија да ја забрзаат постапката за разгледување на заемот и поврзаните законски предлози.
Следниот чекор е постигнување конечен договор во редовната законодавна постапка меѓу Европскиот парламент и Советот на Европската Унија.