АЗЛП: Усогласувањето на „Безбеден град“ со прописите за заштита на личните податоци не е завршено

безбеден град

Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) на прашање на Рацин.мк дали во текот на подготовката на системот „Безбеден град“ Министерството за внатрешни работи имаше консултации со агенцијата, вели дека АЗЛП во повеќе наврати има дадено насоки за усогласување со прописите за заштита на личните податоци.

„Процесот на усогласување сè уште е во тек и се очекува да биде целосно завршен пред системот да биде ставен во употреба“, истакаа од АЗЛП.

Од Агенцијата од аспект на заштитата на личните податоци кои ќе се прибираат до „Безбеден град“, велат дека во рамките на своите надлежности утврдени со Законот за заштита на личните податоци, има дадено мислења за Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците.

„Контролата врз системот „Безбеден град“ во делот на заштитата на личните податоци ја врши Агенцијата за заштита на личните податоци, во рамките на надлежностите утврдени со Законот за заштита на личните податоци. Согласно законот, Агенцијата спроведува супервизија како независна и системска контрола на законитоста на обработката и заштитата на личните податоци. Супервизијата опфаќа спроведување редовни, вонредни и контролни супервизии, со цел да се утврди дали контролорите и обработувачите ги обработуваат личните податоци на законит и правичен начин и дали се почитуваат правата на субјектите на личните податоци“, се вели во еден од одговорите на Агенцијата за заштита на личните податоци.

На прашањето дали АЗЛП има увид во претставката на група граѓани до Уставен суд дека спротивно на уставните принципи е испраќањето прекршочни налози преку СМС пораки со линк до PDF документ и дека веќе е утврдено дека туѓи лични податоци се стигнати на погрешни мејл адреси, од Агенцијата не известија дека веќе има примено повеќе иницијативи од граѓани поврзани со системот „Безбеден град“.

„Во рамките на своите законски надлежности, Агенцијата започна постапка за спроведување вонредна супервизија, со фокус на усогласеноста на системот „Безбеден град“ со Законот за заштита на личните податоци. Постапката сè уште е во тек, а по нејзиното завршување, јавноста ќе биде информирана за исходот од супервизијата“, ни рекоа од АЗЛП.

Ос АЗЛП исто така информираа дека за прашања за проектот „Безбеден град“ и заштитата на личните податоци, адреса за обраќање се и офицерите за заштита на личните податоци на надлежните министерства.

Зачлени се на нашиот е-билтен