Претседателот на САД, Доналд Трамп, на Светскиот економски форум во Давос објави дека се откажува од царините за осум европски земји, што е доста голем пресврт со оглед на тоа што веќе некое време се заканува дека сака да го „освои“ островот Гренланд.
Гренланд се смета за автономна територија, но ѝ припаѓа на Данска. Бидејќи европските лидери се спротивставија на неговите идеи, Трамп рече дека ќе воведе царини сè додека Гренланд не му биде предаден.
Сепак, по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, тој објави дека се согласил за „рамката на идниот договор за безбедноста на Арктикот“.
Според него, во тек се дополнителни разговори во врска со Гренланд и противракетниот систем „Златна купола“ вреден 175 милијарди долари, врз основа на кој за прв пат во историјата, американското оружје би било подигнато во вселената.
Американскиот претседател и претходно се закануваше со царини, а потоа се повлече, како што беше случајот во април. Штом берзите се побунија, тој попушти.
Овој пат, промената следеше по говорот во Давос.
Доналд Трамп постојано повторуваше дека САД ќе го бранат НАТО, но дека не е убеден дека Алијансата ќе ги поддржи САД доколку Вашингтон има потреба од тоа, па затоа посочи дека ова е дел од неговиот агресивен став во врска со Гренланд.
Поради тие изјави, Марк Руте му рече на еден настан дека Алијансата ќе застане на страната на САД доколку таа земја – најмоќната членка на НАТО – биде нападната. „Бидете сигурни, апсолутно. Вашите сојузници ќе бидат со вас“, додаде тој.
Набргу потоа, Трамп ги укина царините.