Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски.
Ова го порача претседателот на СДСМ Венко Филипче од конгресот на партијата.
„Сакам денес да бидам кристално јасен. Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата. Но, дозволете ми да испратам една порака до оние кои мислат дека можат да седат на две столчиња. До оние кои мислат дека можат да бидат во СДСМ, а да работат за интересите на власта, или да формираат фракции, нови движења и сето тоа само за нивни лични интереси“, истакна Филипче.
Тоа време заврши, нагласи претседателот на СДСМ, и додаде дека денеска ставаат точка на разединувањето.
„СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо. Јас бирам да бидеме сè! Бирам борба, искрена, силна и чесна!“, потенцираше Филипче.
Филипче повика дека нема седење и пишување статуси на Фејсбук од удобни фотелји.
„СДСМ е на терен! Одиме во секој град, во секое село, во секое маало. Ќе чукнеме на секоја една врата. Не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија!“, порача претседателот на СДСМ од 31 конгрес на партијата.