АВМУ: Нема промени во сопственичката структура на медиумите со унгарски газди

АВМУ

Нема промени во сопственичката структура на медиумите во Македонија кои досега беа со унгарски газди. Тоа го потврдува извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизеулни услуги (АВМУ) Сопственоста на медиумите во 2025 година.

Со удел од 99%, краен сопственик на ТВ Алфа и понатаму е ЦХС ИНВЕСТ, односно лицето Петер Шац од Унгарија. Во сопственоста на ТВ Алва Шац влезе во 2017 година преку друго правно лице – Друштвото за трговија и услуги ТАРГЕТ МЕДИА ДООЕЛ Скопје.

Останатите 1% од сопственоста на ЦХС ИНВЕСТ ги поседува лицето Горан Балаќ од Србија. Вкупниот број на акционери во МАКОШПЕД АД изнесува 661, а во АД ЕВРОПА 581.

Според последните достапни информации, нема промени во сопственоста ниту во делот на онлајн медиумите во Македонија, меѓу кои Република.мк, Курир.мк, Лидер.мк, Нетпрес.мк, плус и на Денешен.мк, Економски.мк и Вистина.мк.

Зошто е ова важно? Последните изверштаи од март 2025 година, со стратешкото стекнување на клучни ТВ канали и информативни портали, Будимпешта веќе влијае на јавниот дискурс во Северна Македонија, пишува Еуроњуз, додавајќи дека со поддршка на нелибералниот владин модел и финансирање на националистичките медиуми, Орбан го консолидира своето долгорочно влијание на Балканот.

Во последниве години, проширувањето на унгарските медиумски интереси во Северна Македонија, кои се контролирани од бизнисмени поврзани со унгарскиот премиер Виктор Орбан, станува сè поочигледно, пишува Димитар Керанов, експерт во Германскиот Маршалов фонд, евроатлантски тинк-тенк.

Керанов во својот текст во Германскиот Маршалов фонд пишува:

„Проширувањето на унгарските медиумски интереси во Северна Македонија, поттикнато од бизнисмени поврзани со унгарскиот премиер Виктор Орбан, стана сè поочигледно во последниве години. Преку стратешкото стекнување на клучните телевизиски станици и новински портали, влијанието на Будимпешта сега продира во јавниот дискурс во земјата. Двајца директори на медиумите, Петер Шац и Агнес Адамик, го оркестрираа купувањето на значајни медиуми, вклучувајќи ги ТВ Алфа, ‘Република’, ‘Курир’, ‘Лидер’, ‘Денешен’, ‘Економски’, ‘Вистина’ и ‘НетПрес’. Сите се усогласени со владејачката нелиберална и националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзините водачи, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски и неговиот претходник, Никола Груевски, кој е санкциониран според американскиот закон Магнитски.

Истрагите открија дека про-ВМРО-ДПМНЕ медиуми добиле индиректна финансиска поддршка преку рекламирање од унгарски бизниси. Оваа финансиска поддршка помогна да се одржат медиумските мрежи усогласени со Груевски, кој побегна во Будимпешта во 2018 година за да избегне казна за корупција и таму останува под заштита на Орбан. Присуството на Груевски таму е политичка изјава, која го поддржува наративот на Орбан за поддршка на нелибералните националистички лидери од други земји.

Унгарската присуство во Македонија започна со експанзијата за преземање на медиуми во регионот во 2017 година, кога три компании од Будимпешта – Ридикул, Рипост и Модерн Медиа Груп, прво ја купија словенечката Нова24 ТВ.

Организираната и, по многу нешта, координираната кампања за влез во медиумскиот пејсаж на Балканот, се препознава по тоа што сопствениците на унгарските компании што купуваа медиуми беа Питер Шац и Агнеш Адамик, подоцна Агнеш Ковач, кои претходно работеле за унгарската државна телевизија. Државната телевизија во Унгарија во тоа време, како и денеска, е под контрола на ФИДЕС на Виктор Орбан.

Потезите на овие унгарски инвеститори, блиски до партијата Фидес во Унгарија, која е непријателски расположена кон независните медиуми дома и го организираше преземањето или затворањето на критичките медиуми, неизбежно предизвикаа загриженост кај европските лидери.

На теа тема, на иницијатива на европратениците Кати Пири, Тања Фајон, Тонино Пицула и Андреас Шнајдер беше покрената дебата за тоа дали унгарското купување медиуми во Македонија и во регионот е мешање во демократските процеси на Балканот.

Познавачите на медиумите во Унгарија и во регионот повелкуваат одредени паралели за влијанието на властите во медиуми што се под контрола на газдите од Унгарија.

Освен големата застапеност на партиите блиски до Фидес и Орбан за време на изборните кампањи, според унгарски Мертек Медиа Монитор, во медиумите во Унгарија кои се про Фидес има тесен круг на луѓе за кои вработените велат дека секојдневно добиваат уреднички насоки од владата и од нејзините советници. Во оваа група влегува и Рипост кој беше вклучен во купувањето на медиумите во Словенија и Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен