Белата куќа викендов беше домаќин на затворена, со исклучиво присуство на црно-вратоврска проекција на документарниот филм „MELANIA“, продукција на Amazon MGM Studios, кој ја следи Меланија Трамп во периодот пред враќањето на семејството во Вашингтон и политичката кулминација што ја одбележа најновата изборна победа на Доналд Трамп.
Проекцијата се одржа во саботата, 24 јануари 2026 година, а според странски медиуми, настанот бил организиран за околу 70 гости – претежно блиски соработници, деловни партнери и јавни личности. Во извештаите се наведуваат имиња како режисерот Брет Ратнер, поранешниот боксер Мајк Тајсон, извршниот директор на Apple Тим Кук, кралицата Ранија од Јордан, како и раководители од Amazon, меѓу кои и извршниот директор Енди Џеси.
Филмот, според најавите, ја претставува Меланија Трамп во првите 20 дена од 2025 година, со „бекстејџ“ моменти од враќањето во Белата куќа и подготовки за вториот инаугурациски мандат на Доналд Трамп. По проекцијата, Меланија Трамп јавно ја нарече вечерта „историски момент“ и порача дека е благодарна што филмот го претставила пред неговото пошироко објавување.
„MELANIA“ е планиран за официјална премиера кон крајот на јануари, со настан во Кенеди центарот и старт на прикажување во кина. Во исто време, проектот предизвика дебата во американската јавност поради високите трошоци што се споменуваат за продукција и маркетинг, но и поради контроверзии поврзани со режисерот, како и поради тајмингот на гламурозната проекција во период на засилени политички тензии во САД.