По денешните врнежи и задржаната облачност, времето попладнево ќе се смири само накратко, со делумно намалување на облачноста. Но, според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи, ова „олабавување“ ќе биде краткотрајно и веќе од утревечер, среда, повторно се очекува влажен бран со нови врнежи.
Во четврток ќе има услови за дожд во пониските места, додека на планините врнежите ќе преминуваат во снег. Од петок, пак, следува период на променливо облачно време, но со поизразен пад на дневните температури. Македонија ќе остане под влијание на постудени воздушни маси, што во текот на викендот ќе донесе слаби, локални врнежи од дожд и снег, со поголема веројатност за снег на повисоките предели.
Метеоролозите предупредуваат дека иако календарски сме во втората половина на јануари, зимата сè уште ќе „држи“ со студени утра и повремени врнежи, па граѓаните се повикуваат на претпазливост при патување, особено кон планинските превои и повисоките места каде условите побрзо се менуваат.