Во Македонија насилството врз жените се прифаќа како нормално

насилството

Јануари 2026 година. Иако сè уште не е завршен, веќе се наметнува како алармантен месец, со низа тешки случаи на семејно, партнерско и сексуално насилство кои јасно покажуваат дека родовото базирано насилство во Северна Македонија не е исклучок, туку длабоко вкоренет и хроничен системски проблем.

Ова го посочува Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство (НМПНЖСН) во денешнара реакција и укажува дека само во првите две недели од месецот, јавноста беше сведок на брутални напади врз жени, сериозни случаи на сексуално насилство врз деца, онлајн експлоатација на малолетници, семејни конфликти што ескалираа во физички напади, смртни закани и употреба на оружје во семејните домови.

Забележавме и трагични исходи, истакнуваат од НМПНЖСН, вклучително и убиство на мајка од страна на нејзиниот син во Богданци, како и случај во кој жена од Битола им подлегна на повредите откако беше брутално претепана од својот внук. Истовремено, беа регистрирани и случаи во кои татко се заканувал со нож на сопругата и на своите ќерки, партнерки биле давени и тешко повредени, жени биле физички нападнати од сопружници, а деца биле цел на дигитална злоупотреба преку лажни профили и експлицитни содржини.

Ова што го гледаме во јануари не се изолирани инциденти. Ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите. Насилството продолжува да се случува таму каде што треба да има најмногу безбедноста тоаесемејството, помеѓупартнерските односи и во дигиталниот простор, каде децата и младите се сè поизложени на ризици. Сите случаи се аларм дека институциите не постапуваат со должно внимание за навремено и соодветно да ги заштитат жртвите, отсуство на третман и соодветно санкционирање на сторители на насилството, со што намсето да се спречи, системски се одржува и зголемува насилството во нашата земја, се нагласува во реакцијата на НМПНЖСН.

За НМПНЖСН особено загрижува фактот што значителен дел од случаите регистрирани досега во јануари директно ги погодуваат децата. Сексуалното насилство врз деца, без разлика дали се случува во физичкиот или онлајн простор, претставува една од најтешките повреди на човековите права и остава трајни последици врз нивното ментално здравје, развој и чувство на безбедност. Овие деца не се само бројки во дневните полициски билтени, тие се жртви на системот кој сè уште не успеал да обезбеди целосна и навремена заштита за сопствените граѓани.

Во исто време, предупредува НМПНЖСН, Северна Македонија и понатаму нема воспоставено функционален и одржлив систем на специјализирани услуги за долгорочен третман на жртви на сексуално насилство кои всушност се законска обврска на државата согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој е донесен уште во јануари 2021 година. Недостасуваат јавно достапни и стабилно финансирани специјализирани сервиси за поддршка на жртвите, кои вклучуваат редовни психотерапевтски сесии, стручна поддршка за справување со последиците од траумата, континуирана психосоцијална помош и поврзани правни и социјални услуги. Додека овие услуги не се воспостават, жртвите на сексуално насилство ќе продолжат сами да се справуваат со последиците од насилството.

Дополнително, укажува НМПНЖСН, случувањата во текот на јануари јасно покажуваат дека насилството сè повеќе се зголемуваи во дигиталниот простор. Онлајн сексуалната експлоатација, злоупотребата на социјални мрежи, лажните профили и потенцијалната употреба на алатки базирани на вештачка интелигенција кои се користат за манипулација со интимни содржини создаваат нови и сложени ризици кои постојната кривично-правна рамка сè уште не ги адресира соодветно односно нема соодветна заштита која може да ги заштити граѓаните од дигиталното сексуално насилство

Поради тоа, НМПНЖСН укажува на итната потреба од измени и дополнувања на Кривичниот законик со кои ќе се препознаат и санкционираат новите форми на дигитално и онлајн родово-базирано насилство, сексуалната експлоатација во дигитален простор и злоупотребата на нови технологии и ВИ-алатки за создавање и ширење злоупотребувачки содржини.

Истовремено, повторените случаи на партнерско насилство и семејни убиства регистрирани во овој месец уште еднаш потврдуваат дека фемицидот не е ненадеен чин, велат од НМПНЖСН, туку крајна точка на долг процес на толерирано насилство, игнорирањето на предупредувачките сигнали и несериозно третирање на потенцијалните ризици.

Како Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, јасно порачуваме дека се потребни итни и суштински системски промени: адекватно и реално спроведување на законите, навремена заштита на жртвите, функционални и стабилни специјализирани сервиси за жени и за деца жртви, сериозна проценка на ризик и модернизација на кривичното законодавство согласно новите форми на насилство.

Ова е реакција на мрежа од граѓански здруженија кои со години се борат со овој системски проблем, работејќи напорно на превенција од родово базирано насилство, работејќи со жени жртви на насилство и маргинализирани заедници. Затоа инсистираме на итност во преземање на активности за заштита на жртви на СН и РБН и исполнувањето на законските одредби за заштита.  Доколку не следат итни и суштински промени, насилството ќе продолжи да се повторува, а жртвите ќе продолжат да плаќаат со својата безбедност, достоинство и живот.

Зачлени се на нашиот е-билтен