Бојан Маричиќ е нов претседател на ДИК

Маричиќ

Со 83 гласа ЗА и ниту еден против Собранието го изгласа предлогот Бојан Маричиќ да биде нов претседател на Државната изборна комисија.

Претседателот на ДИК се избира по предлог на опозицијата, а Маричиќ доаѓа на местото на досегашниот претседател Борис Кондарко, кој својот мандат во ДИК ќе го продолжи како член.

За потпретседател на Комисијата е избран Абдуш Демири, додека за членови на ДИК се избрани Александар Даштевски, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко, Ангелче Ристов и Дитмире Шеху.

За овие позиции беа пријавени вкупно 16 кандидати, меѓу кои најголем дел правници, но и кандидат со образование од областа на електротехниката, како и дефектолог.

Бојан Маричиќ во 2016 година, како претседател на невладината организација Меѓународен центар за европско образование активно учествуваше во процесите за демократизација на државата и во јавни дебати за евроатлантскиот курс на државата.

Во 2017 година е назначен за посебен советник за евроатлански интеграции на тогашниот премиер Зоран Заев. Маричиќ беше именуван и за главен технички преговарач со Европската Унија и шеф на техничкиот преговарачки тим во рамки на скрининг-процесот.

Подоцна презеде и министерски функции. Беше вицепремиер и го раководеше Секретаријатот за европски прашања, а во Владата на Димитар Ковачевски беше министер за правда.

Маричиќ е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, со дополнителни студии во Лондон и Амстердам. По враќањето во земјава, кратко време работел како асистент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а има и професионално искуство на проекти за француското Министерство за внатрешни работи, како и во невладиниот сектор. објави Скопје1.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен