Прва метропола што забранува рекламирање на месо: Одлуката е дел од стратегијата за борба против климатските промени

Поддржувачите на забраната истакнуваат дека тоа е неопходна мерка со цел граѓаните да бидат свесни за еколошките последици од нивните секојдневни потрошувачки навики.

Ова не е единствената забрана што ја воведе главниот град на Холандија, а сето тоа со цел заштита на животната средина и борба против климатските промени.

Амстердам станува првиот главен град во светот што забранува рекламирање месо на јавни места. Одлуката е дел од поширока стратегија за борба против климатските промени, а забраната ќе стапи на сила на 1 мај 2026 година, објавува Agrarheute.

Градскиот совет на Амстердам донесе одлука според која рекламите за месо, како и за воздушниот сообраќај, крстосувачките бродови и автомобилите на фосилни горива ќе исчезнат од постерите, трамвајските и автобуските станици, метрото и сите други области во сопственост или под контрола на градот. Рекламите на приватни области и онлајн платформи нема да бидат опфатени со оваа мерка.

Предлогот за забрана го поднесоа советничките Јенеке ван Пијпен (партија ГринЛинкс) и Анке Бакер (Партија на животните), кои се залагаат за оваа иницијатива од 2020 година.

„Не можете да тврдите дека сте сериозни во врска со климатската политика, а во исто време да дозволите рекламирање од големи корпорации што ја влошуваат климатската криза“, рече Ван Пијпен.

Одлуката официјално ќе биде внесена во градските прописи, што ѝ дава законска сила на забраната.

Уште во 2020 година, Амстердам стана првиот град во светот што ги забрани рекламирањата на фосилни горива на јавни места. Нивниот пример подоцна го следеа Хаг, Утрехт, Најмеген и Делфт. Сепак, со оваа нова мерка, Амстердам станува првата светска престолнина што воведе забрана за рекламирање месо, што, како што пишува Nu.nl, дополнително ја зајакнува својата водечка улога во климатските политики.

Како што се очекуваше, одлуката предизвика мешани реакции.

Претставниците на рекламната индустрија и деловните здруженија предупредуваат дека забраната се меша во слободата на избор и дека властите со тоа „им одредуваат на граѓаните што им е дозволено да консумираат“. Од друга страна, поддржувачите на забраната истакнуваат дека тоа е неопходна мерка со цел граѓаните да бидат свесни за еколошките последици од нивните секојдневни потрошувачки навики.

И покрај критиките, предлогот беше усвоен со мнозинство, 27 од вкупно 45 советници гласаа за него.

Зачлени се на нашиот е-билтен