Почина Тихомир Јанчовски, поет, писател и преведувач.
„Нема веќе заеднички слики од славата. Нема веќе ништо, не напушти. Тихо го нема. Си отиде. Знам колку сте многу што го сакавте. Ќе споделиме како ќе се простиме понатаму“, напиша неговото семејство на социјалните мрежи.
Јанчовски е роден во 1967 во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 1991 година. Специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централно Европскиот Универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ во 2010 година. Се занимава со поезија, превод, медиевистика. Јанчовски останува еден од омилените професори на поновата генерација. Беше професор по Македонски јазик во гимназијата Орце Николов во Скопје.
Зад Тихомир Јанчовски остануваат над триесет книги, главно поезија, преводи, романи и една книга историја. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, присутен е во голем број антологии, а има и четири целосно преведени книги на други јазици.
Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.
Се изразуваше и во театарската уметност со неколку претстави. Во 2024 со Бранислав Николов го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“.