Најстудената зима во Украина од почетокот на војната: Дали има шанси за примирје, по реакцијата на Трамп

Вашингтон побара од Москва да ги прекине воздушните напади во следните неколку дена поради екстремно студеното време во источна Европа. Москва ниту го прифати ниту го отфрли тоа барање, но синоќа сè уште немаше удар.

Поради руските напади, Украина повеќе од еден месец се соочува со тешка енергетска криза. Околу 460 високи згради во Киев сè уште немаат греење, а температурата е во минус веќе долго време.

И додека Трамп тврди дека Путин се согласил да не ја напаѓа украинската престолнина, Кремљ не дава конкретен одговор дали се согласиле на тоа.

„Го прашав претседателот Путин дали можат да престанат да пукаат една недела. Украина е пропорционално погодена од истиот мраз како и ние тука, со фактот дека Украина е обично постудена. Тој се согласи. Го ценам тоа многу. Тоа е гадна војна. Гадна, гадна војна“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.

„Претседателот Трамп навистина лично го замоли претседателот Путин да се воздржи од напади врз Киев една недела, до 1 февруари, со цел да се создадат поволни услови за преговори. Тоа е она што можам да го кажам за ова прашање“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Ноќта, Русија лансираше 111 беспилотни летала од различни видови и една балистичка ракета кон Украина, иако немаше извештаи за погодена енергетска инфраструктура.

„Благодарен сум на американската страна за нејзините напори да ги запре нападите врз нашата енергетска инфраструктура во овој момент и се надеваме дека Соединетите Американски Држави ќе успеат да го обезбедат ова. Фактичката состојба во нашите енергетски објекти и во нашите градови вечерва и во наредните денови ќе ги покаже резултатите“, рече Володимир Зеленски, претседателот на Украина.

Сепак, во Украина постои конфузија околу тоа дали Путин навистина се согласил да ги запре нападите, како и колку долго би траело тоа. Бидејќи Трамп споменува една недела, а Кремљ зборува за 1 февруари.

Последниот руски напад врз Киев, кога 80 проценти од градот остана без електрична енергија, беше на 24 јануари, што прилично одговара на датумот даден од Москва.

„Не им верувам на Путин или на Трамп, па мислам дека дури и ако тој (Путин) го спроведе тоа сега, ќе натрупа ракети и ќе продолжи да пука. Целта на Путин е уништување на Украина и сè што можеме да направиме е да се спротивставиме. Инаку, Путин и Трамп – го сметам Трамп за сојузник на Путин – ќе продолжат да се стремат да го поделат светот“, рече еден жител на Киев.

„Путин не го спроведува тоа – па. На украинскиот народ му беше ветено толку многу, се случија толку многу работи и, за жал, тие ветувања не се исполнети“, вели една Украинка.

Ова е најстудената зима во Украина од почетокот на војната, а Русија имаше три големи напади врз енергетската инфраструктура на Киев во текот на јануари.

Илјадници луѓе се уште се во ладни домови, во некои од нив температурата е, како што изјави поранешниот украински министер за надворешни работи пред две недели, малку над 10 степени.

Зачлени се на нашиот е-билтен