Потпретседателот на СДСМ Александар Трајановски, во интервју за Рацин.мк вели дека во пост-конгресниот период на СДСМ најавува борба зашто народот очекува некој да се спротивстави на оваа власт, бидејќи имаме апсолутно ненародно владеење.
Потпретседателот на СДСМ вели дека луѓето што сега се на власт, се третиот ешалон од времето на Груевски, а лидерските средби на Мицкоски се само алиби за неодговорноста на власта.
„Овие луѓе сега што се на власт, сè третиот ешалон од времето на Груевски. Не може да се смени таа матрица на размислување. Ние сме тука да укажеме на тоа и да се бориме против тоа. Како ќе се бориме и како ќе успееме тоа да го претставиме пред граѓаните, тоа е наше и граѓаните ќе го видат тоа“, истакнува Трајановски во интервјуто.
За најлоша политика ја смета игноранцијата на власта на барањата на граѓаните и вели дека масовниот протест на синдикатите покажа дека владата ја губи контролата во државата.
За Трајановски самоблокадата е главната ориентација на оваа влада и дека од нејзините политиките не страда ЕУ, ниту Бугарија и Грција, страда Македонија.
„Нема поголемо омаловажување на својот народ од она да го натерате да вади бугарски пасош со цел да отвори бугарски фирми, за да може полесно да заработи парче леб надвор или во Европската унија“, нагласува потпретседателот на СДСМ Александар Трајановски во интервјуто за Рацин.мк.