Претседателот на САД, Џо Бајден неделава ќе се сретне со премиерите на Данска и Велика Британија. На лидерската средба се очекуваат разговори фокусирани на помошта за Украина и отпорот кон руската агресија, вклучително и неодамнешната обука на украински војници и начините со кои Украина ќе се засили со ловците Ф-16.
Бајден денеска ќе се сретне со премиерот на Данска, Мете Фредриксен, а в четврток со премиерот на Велика Британијa, Риши Сунак.
Велика Британија и Данска играат клучна улога во неодамна создадениот меѓународен план за обезбедување на американксите ловци за Украина. Планот е одобрен и од претседателот на САД, а откако украинскиот претседател Володомир Зеленски веќе неколку месеци го повикува Запад да испорача на Киев Ф-16.
Двете средби се одвиваат во решавачки момент на 15-месечната војна кога Украина се подготвува да започне контрофанзива. САД и Европа се стремат да демонстрираат на Москва дека западната алијанса е фокусирана на зацврстување на долгорочните обврски кон Украина.
– Една од работите на кои ќе посветиме внимание и за која претседателот ќе биде заинтереиран да сподели свои видувања е долгорочната безбедност за Украина, изјави Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност во Белата куќа.
Според него, овде всушност и започнуваат преговорите за создавање коалиција за испорака на Ф-16 на Украина.
Ова клучно оружје за офанзивни дејства Данска и Велика Британија го поседуваат уште од 1970-те. Двете земји имаат повеќе десетици вакви авиони и двете решително настапија дека ловците треба да бидат предадени на Украина, но како оружје произведено во САД, пред тоа треба да добијат одобрување од Вашингтон.