Судењето на Мариус Борг Хоиби почна: четири обвиненија за силување

Во Осло почна судскиот процес против 29-годишниот Мариус Борг Хоиби, синот на принцезата Мете-Марит, кој на стартот на рочиштето се изјасни дека не е виновен по четири точки од обвинението за силување.

Според обвинението, Хоиби се товари по вкупно 38 точки, меѓу кои се наведуваат напади врз поранешни партнерки, тешко кривично дело поврзано со дрога, како и четири обвиненија за силување, за кои, доколку биде осуден, може да добие казна до 16 години затвор. За дел од полесните кривични дела, според медиумските извештаи, се изјаснил виновен.

Непосредно пред отворањето на процесот, тој повторно бил уапсен под сомнение за напад, закани со нож и кршење забрана за приближување, по што му е определен притвор. Обвинителството порачало дека ќе биде третиран како и секој друг обвинет, без олеснувања поради семејното потекло, во случај што веќе се опишува како еден од најтешките скандали што го погодиле угледот на кралското семејство во Норвешка.

Според наводите, четирите случаи за кои се води постапка се поврзуваат со периодите 2018, 2023 и 2024 година. Судењето треба да трае до 19 март, а пресудата се очекува неколку недели по завршувањето на процесот.

Зачлени се на нашиот е-билтен