Претседателот на СДСМ Венко Филипче, по повод, 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, истакнува дека тој е инспирација дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
„Неговата порака за “светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес е јасен повик дека Македонија мора да оди напред, кон модерна, просперитетна и европска држава, а не назад во изолација“, напиша Филипче на социјалните мрежи.
Филипче повикува „во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика.
„Да го продолжиме аманетот на Делчев, да градиме напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива. Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, напиша Филипче.
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден, се вели во соопштението на СДСМ.