Германија го казни „Амазон“ поради манипулација со ценовните политики

Регулаторот тврди дека компанијата нелегално влијаела врз ценовните политики на трговците на Marketplace

Германскиот антимонополски регулатор му изрече казна од 59 милиони евра на „Амазон“, обвинувајќи ја компанијата дека нелегално влијаела врз ценовните политики на трговците што продаваат преку нејзината платформа.

Освен што самостојно продава производи, „Амазон“ управува и со платформата Marketplace, каде илјадници независни трговци ги нудат своите производи. Токму во овој сегмент, според регулаторот, компанијата вршела притисок врз продавачите во однос на формирањето на цените.

Според проценките, „Амазон“ контролира околу 60 проценти од германскиот пазар за онлајн малопродажба, што ѝ дава значајна пазарна моќ. Регулаторните власти веќе ѝ наложиле на компанијата да ја измени спорната практика со цел да се спречи нарушување на конкуренцијата и потенцијална штета за потрошувачите.

Независните трговци учествуваат со околу 60 проценти од понудените производи на платформата и самостојно ги одредуваат цените, при што го преземаат и целосниот економски ризик од продажбата.

Регулаторот посочува дека „Амазон“ истовремено е и платформа и директен конкурент на овие трговци, што создава чувствителна пазарна позиција. Поради тоа, секое влијание врз цените на конкурентите – дури и во форма на ценовни ограничувања – е дозволено само во исклучителни околности.

Како пример за таков исклучок се наведуваат ситуации кога има неоправдано зголемување на цените поради доминантна пазарна позиција, но регулаторот смета дека во овој случај не станува збор за таква практика.

Зачлени се на нашиот е-билтен