Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денес објави дека рускиот државјанин Љубомир Корба, осомничен за атентатот врз генерал-потполковник Владимир Алексеев во Москва, е приведен во Дубаи и екстрадиран во Москва, а идентификувани се двајца негови помагачи, исто така руски државјани, од кои едниот е уапсен, а другиот избегал во Украина.
Според ФСБ, Виктор Васин е уапсен во Москва, додека Зинаида Серебрикаја избегала во Украина, која руските власти ја сметаат за одговорна за обидот за убиство на Алексеев.
Рускиот претседател Владимир Путин му се заблагодари на шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, претседател на Обединетите Арапски Емирати, за неговата помош во апсењето на осомничениот за пукањето врз Алексеев, објави руското Министерство за надворешни работи, пренесува Ројтерс.
Според руските истражители, Корба добил задача од украинското разузнавање да го застрела Алексеев.
Корба е роден во 1960 година во Тернополската област на тогашната советска Украина.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Украина дека стои зад обидот за атентат, за кој рече дека бил наменет за саботирање на мировните преговори. Киев тврди дека нема никаква врска со нападот.
Генерал-потполковник Алексеев (64), заменик-шеф на руската воена разузнавачка служба, беше застрелан три пати во петокот со пригушувачко огнено оружје во станбена зграда во Москва, по што беше опериран, а според неговата сопруга, тој е свесен и способен да зборува.