Тишината не може да стане алгоритам: #НетБезХејт – младите во акција за трансформација на онлајн омразата

#НетБезХејт

Статус, коментар, лајк, дислајк, стикер, или каков било облик на изразен став кој навидум е бенигна дигитална реакција  која ќе протече од тастатурата на телефонот во сајбер просторот, денеска е всушност реалност која е дел од секојдневниот социјален и емотивен живот на младите.  Во пресрет на 10 февруари – Интернационалниот ден за побезбеден интернет, повторно се отвора едно суштинско прашање: ако младите се постојано онлајн, дали таму се безбедни?

Фактите се јасни. Практично нема млад човек на возраст од 15 до 24 години во Македонија кој не користи интернет, а дури 97 отсто се онлајн секојдневно, и тоа повеќепати во текот на денот, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика од 2023 година. Но, зад таа бројка за дигитална писменост и поврзаност, се крие и една тивка, но длабоко присутна ранливост – изложеноста на сајбер-насилство, врсничко малтретирање, говор на омраза и штетни содржини, со последици што честопати остануваат невидливи за околината.

Истражувањата одамна алармираат. Според Институтот за човекови права, уште во 2022 година речиси две третини од средношколците во Скопје потврдиле дека булингот е присутен во нивните училишта, а секој трет ученик изјавил дека бил жртва на некаква форма на врсничко насилство. Најчесто, велат младите, тоа се случува на социјалните мрежи – таму каде што границата меѓу приватното и јавното е избришана, а зборовите се споделуваат побрзо отколку што се презема одговорност.

Она што дополнително загрижува е јазот меѓу свесноста и реакцијата. Младите знаат да препознаат говор на омраза и сајбер-насилство, но кога ќе се соочат со него– молчат. Премолчувањето, стравот од реакција, дилемата кому да се обратат и дали воопшто вреди да се реагира, создаваат тишина што станува соучесник. Оваа празнина покажува дека едукацијата, иако неопходна, не е доволна сама по себе. Потребно е охрабрување, чувство на припадност и сигурен простор во кој младите ќе знаат дека не се сами кога ќе одлучат да проговорат.

Од апел и кампања – до движење

Токму од овие сознанија произлезе иницијативата #NetWithoutHate – Нет без хејт, младинско движење за интернет без омраза, поттикнато  од УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија. Наместо уште еден апел или краткорочна кампања, ова партнерство поставува поинаква амбиција – да изгради жив, одржлив процес во кој младите, преку врсничка едукација и ко-креирање, стануваат носители на промената.

Иницијативата, започната пред две години, е дел од пошироката и долгогодишна соработка меѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија и е насочена кон справување со најкомплексните предизвици на денешните генерации. Во партнерство со Сојузот на извидници на Македонија, програмата се темели на едноставна, но често занемарена вистина: кај адолесцентите од 14 до 18 години, најсилно влијание имаат врсниците, а не институциите.

Во февруари 2025 година беше објавен јавен повик за адолесценти на возраст од 14 до 17 години за учество во двегодишната програма. По интензивната промоција на јавниот повик на социјалните мрежи беа избрани 50 деца за учество во програмата.. Тие се обучуваат да бидат гласници на промена и двигатели на движењето во своите училишта и заедници.

Процесот започна со темелна подготовка.  Менторите поминаа низ обуки за врсничка фасилитација, заштита на децата, дигитална безбедност, препознавање и разбирање на онлајн насилството, комуникациски вештини и управување со кризни ситуации. Намерата беше јасна – младите да бидат водени низ безбеден, структуриран, но отворен процес.

Формалниот почеток на програмата беше означен со креативна ориентациска работилница, одржана во мај 2025 година во Извидничкиот центар во Охрид. Педесет адолесценти од различни средини, поддржани од ментори и експерти, прекуигри, групни анализи и разговори за дигиталниот отпечаток, добија простор да ги споделат своите искуства – без страв и без осуда.

Работата продолжи и во текот на летото, во помали групи и со редовна менторска поддршка. Токму тогаш младите почнаа да ги препознаваат приоритетните проблеми во своите заедници и да ги обликуваат првите идеи за врснички иницијативи. Паралелно, децата, менторите и експерти ко-креираа Прирачник за превенција од сајбер-насилство и говор на омраза.

Следуваше тридневниот Медијатон во Скопје, одржан во јуни 2025 година. Во соработка со дигитални креатори и комуникациски експерти, младите создадоа девет кратки видеа за социјалните мрежи. Кампањата оствари над 6,9 милиони прегледи и досег од речиси 3,74 милиони корисници, што е показател дека кога младите зборуваат со свој автентичен јазик, пораката има реален одек.

Од идеи – до конкретна акција

Работилницата за дизајн размислување во Берово, одржана во октомври минатата година, беше следниот чекор – моментот кога идеите се претворија во конкретни акциски планови. Ако 2025 година беше посветена на едукација и градење капацитети, 2026 година е замислена како година на реална имплементација.

Планирано е младите да реализираат иницијативи во најмалку 20 училишта и заедници, со можност во нив да се вклучат и други млади луѓе. Со  поддршка на институциите, заедниците и професионалците се очекува движењето да направи исчекор кон пошироко и подолгорочно влијание.

Во дигиталниот простор, каде што омразата често се шири побрзо од емпатијата, #NetWithoutHate нуди поинаков ритам. Не како кампања што ќе исчезне со следниот хаштаг, туку како процес што ги учи младите дека тишината не мора да биде одговор, и дека интернетот, исто како и општеството, може да се менува одвнатре.

Пишува: Ана Василевска, Преземено од: Нулта.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен