По видеообраќањето на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во кое порачаа дека „нема компромис со беззаконието“ и дека „криминалот повеќе не се исплати“, јавноста остана без одговор на клучното прашањето, како е можно над 40 тони марихуана да се произведува и да се складира без реакција од државата?
„Беззаконието мора да се совлада, никој не е над законот“, порача Мицкоски, но не објасни кој конкретно потфрлил во контролите, кој издавал дозволи и зошто институциите не реагирале навреме.
Министерот Тошковски, пак, изјави дека марихуаната била произведувана и чувана спротивно на сите протоколи, додавајќи дека „последиците од негрижата и катастрофалниот однос од минатото денес создаваат екстремно штетни последици“. Сепак во јавноста останува нејасно дали МВР во изминатиот период вршело редовни контроли и дали некој од сегашните институционални структури ќе сноси одговорност.
За формирањето на нова владина комисија, која треба да утврди кои фирми работеле законски, а кои го злоупотребиле законот, Мицкоски рече:
„Таа комисија ќе го испита работењето и ќе констатира фактичка состојба кои се тие правни субјекти што работеле согласно закон, а кои не и го злоупотребиле или го изиграле законот“.
„Ќе бидете пронајдени и жестоко казнети“, порача Мицкоски до оние што се занимаваат со криминал.
Според премиерот, овие 40 тони запленет цвет од канабис се директна последица на „погрешните политики од минатото“ кои како што рече ‘веќе нема да се дозволат’.
Видеообраќањето на министерот и премиерот доаѓа откако во акција на ОЈО ГОКК и МВР на територијата на Македонија досега се запленети над 40 тони дрога на повеќе локации во Скопје и во Струмица.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во првото официјално соопштение за акцијата, објавено вчера, наведоа дека продолжуваат активностите во соработка со другите институции. Оттаму велат дека се сослушуваат и сведоци, во насока на прибирање релевантни докази и факти за постапката.
За утврдување евентуална поврзаност на случајот и потеклото на запленетата марихуана кај Крушевац, од ОЈО ГОКК велат дека се во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Србија.