ЕУ: Може „роаминг како дома“, но институциите да си ја завршат домашната задача

роаминг

Откако Европската комисија предложи отворање преговори за вклучување на земјите од Западен Балкан во европската зона „Роаминг како дома“, и Северна Македонија се најде чекор поблиску до укинување на роаминг-трошоците со Европската Унија. Тоа би значело дека македонските граѓани, кога патуваат во земјите членки на ЕУ, ќе можат да зборуваат, праќаат пораки и користат интернет по истите цени како дома – без дополнителни сметки што често знаат да изненадат.

Но, ова не е автоматска придобивка. Ова е процес. И тоа процес што бара сериозна правна, техничка и институционална подготвеност.

Северна Македонија веќе има искуство со регионалниот договор за укинување на роамингот во Западен Балкан, кој стапи во сила во 2021 година. Следниот чекор е многу покомплексен: целосно усогласување со европската регулатива за електронски комуникации и роаминг-правилата што важат во ЕУ.

Клучот е во домашната задача.

Ова е важно затоа што усогласувањето на домашното законодавство со европскиот телеком-правен пакет е основен услов пред да почнат преговорите или да се потпише каков било билатерален договор со ЕУ.

Клучни работи што се уште треба да се завршат

Брза и целосна правна хармонизација

Да се усвојат сите потребни правни и регулативни измени за да:

Домашното законодавство целосно се усогласи со европскиот Електронски комуникациски кодекс и правилата за роаминг.

Се обезбеди правната подготвеност што ќе ѝ овозможи на земјата да започне преговори без нови условувања.

Ова бара брзина, прецизност и политичка волја, бидејќи само правна усогласеност без грешки може да го забрза процесот.

2. Прецизна анализа и техничка подготвеност на операторите

Мобилните оператори треба да се целосно подготвени за имплементација на „Роаминг како дома“, вклучувајќи техничка инфраструктура и цена-регулација што ќе овозможи „домашни“ тарифи и кога граѓаните ќе патуваат во ЕУ.

Во спротивно, постојат ризици од нејасни договори со операторите, ненадејни дополнителни трошоци за корисниците и и технички недоследности при трансферот помеѓу мрежите.

Активна државна координација меѓу институциите

За успешен тек на последните подготовки Министерство за транспорт и врски, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за електронски комуникации и други релевантни тела мора да работат заедно, со јасни рокови и одговорности.

Ова е клучно за да не се повтори сценариото со одложување на проширувањето на преговорите со Европската Унија поради технички или политички пропусти.

А веќе имавме едно такво одлагање. „Можеби некоја техничка моја грешка, но си дозволив да го продолжам рокот до втората половина на февруари – тогаш ќе бидеме готови“, одговори министерот за министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на прашањето зошто Македонија сѐ уште нема роаминг со ЕУ како дома, во интервју за 360 степени на 13 јануари оваа година.

Во интервјуто новинарот Васко Попетрески го потсетува министерот дека тој прво го најави роамингот со ЕУ како дома уште за септември, па потоа за декември минатата година.

Се надеваме дека ќе се случи и оваа година.

Зошто ова не треба да се одложува

Додека ЕУ настојува да ја прошири „Роаминг како дома“ зоната со Западен Балкан, процесот ќе оди преку билатерални преговори по држава, што значи дека земјите кои најдобро се подготват ќе бидат први што ќе ги добијат бенефитите.

За Македонија, која веќе е кандидат за членство и која долго чека да започне формални преговори со ЕУ, ова е шанса да покаже сериозност и реформска агенда. Секој застој или пречки во остварување на последните домашни задачи, одложување или неусогласености можат да покажат дека земјата не далеку или не успева да ги постигне европските стандарди. Тоа, пак, може да да предизвика нови условувања или бенчмаркови и, како последица на тоа, граѓаните повторно ќе бидат ставени во ново „чекање“.

„Роаминг како дома“ не е само техничка мерка. Тоа е конкретен европски бенефит што директно ќе го почувствуваат студентите, бизнисмените, туристите, дијаспората. Тоа е мерлив доказ дека европската интеграција носи реални подобрувања во секојдневниот живот.

Но, исто така, ова е тест за капацитетот на државата. Дали можеме навреме да ги исполниме обврските? Дали можеме да ја завршиме правната хармонизација без политички калкулации? Дали ќе покажеме дека сме подготвени за европските правила не само декларативно, туку и суштински?

Европската врата за проширување на роаминг-зоната е отворена. Прашањето е дали ќе влеземе подготвени – или повторно ќе останеме во чекалната.

Овојпат, одговорот зависи исклучиво од нас.

Зачлени се на нашиот е-билтен