Досега повеќе од 150 македонски државјани ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, распрашувајќи се за можноста за евакуација, соопшти вечерва Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Министерството наведува дека е во постојан контакт со сите нив и дека, доколку аплицираат за евакуација, ќе се преземат подготвителни активности за евентуална помош за нивно безбедно враќање.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, од вчера во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија работи кризен штаб, кој е достапен за граѓаните 24 часа на ден за сите информации, беше објавено.
Во врска со актуелната безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги информира македонските државјани кои се наоѓаат на територија на Државата Катар, Обединетите Арапски Емирати, Државата Кувајт и Кралството Бахреин внимателно да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции на земјите домаќини, соопштуваат од владината прес-служба.
Од Влада ги потсетуваат македонските државјани дека во случај на потреба од помош или дополнителни информации можат да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Е-пошта: doha@mfa.gov.mk
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Е-пошта: abudabi@mfa.gov.mk
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија континуирано ја следи состојбата и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите релевантни информации.