Денеска пред пратениците во Собрание на Република Северна Македонија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, истакна дека лично ја избрал Радмила Шекеринска за улогата заменик-генерален секретар на Алијансата, потенцирајќи ја нејзината експертиза и важноста што ја носи за алијансата во време на безбедносни предизвици ширум Европа.
Тој изрази благодарност до Шекеринска за знаењето и искуството што таа ги носи во НАТО кои, како што рече, се од големо значење и за него и за Алијансата, кога се разгледуваат и се решаваат безбедносните предизвици за нашиот регион и подалеку.
„Како што знаете, Радмила беше член на ова Собрание и служеше во Владата на Северна Македонија. Таа беше одличен избор за да се придружи на водечкиот тим на НАТО. И можам да го кажам тоа со сигурност бидејќи моја беше одлуката да ја назначиме. И многу сум горд на тоа“, рече Руте од собраниската говорница.
Според него, нејзиното знаење „е од големо значење кога се разгледуваат и решаваат безбедносните предизвици“ и дека неговиот избор е лична, но и стратешка одлука во интерес на НАТО.
Шекеринска, која е првата жена од Западен Балкан што ја носи оваа висока позиција во НАТО, долги години работеше на евроатлантските интеграции на Северна Македонија, вклучително и во процесот на пристапување на земјата во Алијансата.