„Кој е следен“ организира протестен марш на 8 Март под мотото „За да нема следна. Нема да не снема“.
Во објавата на социјалните мрежи со која ги повикуваат граѓаните да се придружат на маршот кој ќе започне во 12.00 часот, на 8 март, во Жена Парк, се истакнува:
Оваа полиција не е наша полиција.
Оваа држава не е наша држава.
Време е заедно да осмислиме поинакво општество.
МВР поднело кривична пријава „по брза постапка“. Каква е таа брза постапка откако биле одземени животи? Откако жената и нејзините соседи веќе десетици пати пријавувале? Каква е таа заштита што доаѓа отпосле?
Нашиот глас никогаш не се слуша. Пријавуваш во полиција, ништо не се презема. Доаѓаме до крајности и се крева револт… и пак ништо. Сериски убијци и тепачи на деца и жени си шетаат како шерифи и никој ништо не им може, заштитени од институциите што ги плаќаме со наши пари.
А каде ни е силата на нас како народ?
Самите се омаловажуваме дека не можеме ништо да смениме. На рака се бројат тие во фотелјите, од нив ли се плашиме?
Тие не се ништо без нас!
Ние ги раниме нив.
Од нас ја добиваат силата.
Да го пресечеме тоа, ќе изгладнат, тие ќе нè молат нас за „храна“.
Доста трпиме, да му ставиме крај на малтретирањето и убивањето на народот, а особено на жените. Да излеземе СИТЕ заедно на маршот за 8. Март, рамо до рамо со нашите сестри, мајки, ќерки, девојки, другарки, со жените што ги познаваме и што не ги познаваме. Заедно да се избориме за праведен, хуман и грижлив свет и да го срушиме овој систем на алчност и насилство.
Системот мора да е следен. Се гледаме на 08.03 во 12:00 часот во парк Жена борец.