Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација: „Стави точка на семејното насилство – време е за системска промена“

насилство
Насилство врз жените, насилство Фото: Милена Ѓорѓевиќ/novinarkeprotivnasilja.org

Последниот трагичен случај на семејно насилство во кој животот го загубија мајката и нејзината 6 годишна ќерка е резултат на нефункционалниот систем за заштита кој на „хартија“ постои уште од 2004 година. Во целиот овој период државата не презеде суштински напори да го промени пасивниот пристап, а усвојувањето на закони, политики и стратегии не беше проследено со обезбедување на потребните финансиски и човечки ресурси за нивноспроведување во пракса.

Како резултат, повеќе од 20 години опстојуваат истите системски слабости кои оневозможуваат ефективна заштита на жените кои секојдневно трпат семејно насилство во домот, во местото каде што сите треба да бидеме најбезбедни и најсигурни: занемарена превенција на семејното насилство, неефективни законски механизми за заштита и ограничен пристап до мерки, услуги и права за помош и поддршка за жртвите.

Свесни сме дека семејното насилство е доста комплексен општествен проблем што бара делување во повеќе приоритетни области и координација на различни институции и поединци. Вредно е да се напомене дека имало примери на навремено и професионално постапување, но тие случаи повеќе се исклучок, а не правило: практиките не се воедначени на ниво на цела држава, слаба е соработката помеѓу институциите која често се сведува на ад-хок комуникација, а отсуствува и континуитет во примената.

Последните случаи со фатални последици по жртвите и нивните блиски, во Велес, Шуто Оризари и Скопје, како и фактот дека во последните години секој ден во полиција се пријавуваат повеќе од 15 случаи на семејно насилство, мора да бидат аларм за суштинска промена на пристапот на државата кон овој сериозен општествен проблем.

Апелираме до Владата и Собранието претстојното усвојување на Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство 2026-2033 да го искористат како почетна основа за оваа промена и фактичко подобрување на состојбите.

Бараме Владата да го утврди како приоритет соодветното планирање и распределбата на потребните буџетски средства за доследно спроведување на првиот акционен план 2026-2029 година, со јасно утврдено и прогресивно годишно зголемување на наменските средства за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, од страна на Владата, надлежните министерства и ЕЛС.

Апелираме буџетските средства приоритетно да се насочат кон клучните компоненти што
обезбедуваат навремена и ефективна заштита и поддршка на жртвите:

– Обезбедување на сите потребни ресурси (финансиски, човечки, просторни и технички) за јакнење на капацитетите на ЦСР и полицијата.

– Интензивирање на превенцијата на насилството, преку континуирани национални кампањи за подобрување на разбирањето во јавноста за тоа што претставува семејното насилство, какви форми на насилство постојат, кои се последиците и специфичните потреби на жените што претрпеле семејно насилство, како да се користат законските механизми за заштита:

– Постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и кривичниот прогон на
сторителите.

– Постепено вклучување на сите практичари во процес на задолжителна почетна и
континуирана едукација, со таргети на секои 6 месеци, за во рок од две години да бидат
опфатени сите практичари кои имаат директен или индиректен контакт со жртвите.

– Проширување на мрежата на услуги за жртвите на национално ниво, преку прогресивно
зголемување на поддршката за граѓанските организации.

– Системско решавање на егзистенцијалните проблеми на жените што претрпеле семејно
насилство, преку обезбедување на: финансиска поддршка во периодот на транзиција 12
месеци по напуштањето на насилната заедница; бесплатна секундарна правна помош во
сите постапки; здравствени услуги; долгорочно домување.

Последните трагични случаи мора конечно да бидат пресвртница, државата да премине од
декларативни мерки кон реална, координирана и финансирана заштита на жените и децата.

Како граѓански организации со долгогодишно искуство во оваа област, стоиме на
располагање за суштински придонес во креирањето и практичната примена на мерките што
ќе ја направат оваа промена возможна.

Зачлени се на нашиот е-билтен