Грција ќе распореди батерија „Патриот“ и пар борбени авиони Ф-16 за поддршка на ракетната одбрана на Бугарија. Ова го објави грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендиас по нов разговор со неговиот бугарски колега Атанас Запрјанов, објави грчкиот медиум „Прото тема“.
Одлуката ја донесе Владиниот совет за надворешна политика и одбрана на Грција (КИСЕА). Како дел од преземените мерки, двајца високи офицери од грчките воздухопловни сили ќе бидат испратени и во оперативниот центар на бугарските вооружени сили во Софија.
„Вчера и денес имав разговор со министерот за одбрана на Бугарија, Атанас Запрјанов. По вчерашното барање од бугарската страна, денес имав можност да го информирам дека Грција ќе обезбеди средства и персонал за одбраната на Бугарија. Поточно, по одлука на КИСЕА, во следните неколку часа, батерија ПАТРИОТ ќе биде префрлена на соодветна област во северниот дел од грчката територија за да се обезбеди противракетна заштита за голем дел од територијата на Бугарија. Исто така, пар борбени авиони Ф-16 се префрлаат на аеродром во северна Грција со единствена мисија да обезбедат дополнителна заштита за Бугарија“, истакна Дендиас.
Дополнително, двајца високи офицери од воздухопловните сили се испраќаат во Оперативниот центар на бугарските вооружени сили во Софија за ефикасна координација.
„Сакам јасно да ставам до знаење дека горенаведените мерки се преземени по барање од Бугарија – земја-членка на НАТО и Европската Унија – и на никаков начин не влијаат на капацитетот за ракетна одбрана на грчка територија. Дополнително, следната недела, на покана на мојот бугарски колега, ќе ја посетам Софија“, додаде министерот.