Глобалниот пазар на нафта се соочува со сериозни нарушувања кои во наредните денови би можеле дополнително да се продлабочат, откако војната во Иран го задржа затворен Ормускиот Теснец за танкерите, а САД размислуваат за проширување на воените операции во земјата, пишува денеска Блумберг Адриа.
Според процените на пазарните аналитичари, сегашната ситуација – која трае веќе девет дена – не покажува знаци на брзо смирување. Поради блокадата на теснецот, низ кој вообичаено се транспортира околу една петтина од светската нафта, комерцијалниот бродски сообраќај речиси целосно е запрен.
Растот на ризиците веќе силно се одрази на цените на енергентите. Цената на нафтата Брент минатата недела порасна за околу 30 проценти – најголем скок во последните шест години – и се приближува до психолошката граница од 100 долари за барел.
„Секој дополнителен ден на нарушување го зголемува притисокот, а во таквo сценарио краткорочно речиси и да нема горна граница за цените“, оценува Стефано Грасо, поранешен трговец со нафта и сегашен портфолио-менаџер во инвестициски фонд во Сингапур.