Со поддршка на швајцарската влада, МЛС и УНДП се уреди коритото на Слупчанска река која лани го поплави селото

Слупчанска
Реката низ Слупчане, Општина Липково, некогаш и сега

Во општина Липково беа презентирани резултатите од успешно завршениот проект за регулација на дел од речното корито во село Слупчане. Оваа инфраструктурна интервенција е директен одговор на потребите на граѓаните, со цел долгорочна заштита од поплави кои во минатото ги загрозуваа домовите и земјоделските површини во овој регион.

Во периодот меѓу октомври и февруари 2025 година, граѓаните на Липково активно учествуваа на Форумите во заедницата за да дебатираат за иднината на својата општина. Министерот Перински, кој беше присутен на последната, петта форумска сесија, истакна дека Форумите во заедницата се клучен механизам за носење одлуки базирани на потребите на граѓаните. Токму затоа, тие се интегрирани во новиот Закон за локална самоуправа, кој треба да биде изгласан за да се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност во работењето на општините.

Надоврзувајќи се на значењето на ваквата соработка, Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП, потенцираше дека овој проект е многу повеќе од обична инфраструктура – тој е суштински дел од мерките за намалување на ризиците од катастрофи. Тој додаде дека во услови на климатски промени, управувањето со речните корита е клучна одбрана за заштита на животите и имотите на луѓето, истовремено поставувајќи нови стандарди за отворено и одговорно владеење.

Атула Абази од Слупчане посведочил на последиците од поплавите на неговите насади во минатото. „Пиперки, бостан, домати – се што беше орано беше поплавено… Затоа се вклучив во Форумите во заедницата и среќни сме, како јас така и другите што го изгласавме овој проект“ вели тој.

Покрај инфраструктурата, проектот обезбеди системска поддршка за поголема транспарентност и отчетност. Со новата ИКТ опрема за пренос во живо на седниците и е-платформата за финансиска транспарентност (E-Dashboard), граѓаните сега имаат директен увид во работата на Советот и трошењето на јавните пари. Дополнително, преку нов Интегриран локален развоен план и обуки за администрацијата, се зајакнаа капацитетите за ефикасно и дигитално работење на општината.

Швајцарија како донатор активно го поддржува унапредувањето на агендата за децентрализација на Северна Македонија уште од самите нејзини почетоци. „Во текот на изминатите децении, помогнавме во подобрувањето на општинските услуги низ целата земја во областите на образованието, животната средина, спортот, културата, водоснабдувањето, комуналните услуги и урбаното планирање. Неодамна започнавме нова програма наречена „Заедници со интегритет“ за да помогнеме во зголемувањето на интегритетот на локалните самоуправи и се надеваме дека ќе успееме да вклучиме што е можно повеќе општини.“ рече Кристоф Зомер, амбасадорот на Швајцарија во земјава.

Проектот за уредување на речното корито во Слупчане е реализиран во рамките на втората фаза од програмата „Зајакнување на општинските совети“, финансирана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а спроведена од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Во оваа втора фаза, проектот поддржа 30 форуми со вкупно 150 сесии во 30 партнерски општини, достигнувајќи до над 10.500 граѓани, каде жените сочинуваат преку 51% од учесниците. Преку овој инклузивен процес, досега се имплементирани 33 проекти со вкупен буџет од над 2,2 милиони долари, вклучувајќи околу 800.000 долари општинско кофинансирање.

Во конкретната интервенција на реката во с. Слупчане, Општината Липково учествувала со сопствено кофинансирање.  „На тој начин покажуваме поголема сопственост и посветеност на проектот и докажавме дека информираните граѓани можат да донесат одлука која влијае на нивната иднина.“ рече Еркан Арифи, градоначалникот на општина Липково. 

Зачлени се на нашиот е-билтен