За ДКСК татко не е толку блиска фамилија

татко
Ивица Томовски, Директор на служба за општи и заеднички работи на Влада (СОЗР, Фото: Влада на Северна Македонија

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на својата последна седница донесе одлука за запирање на постапката против Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).

Членката на комисијата, Софија Спасовска-Медарска, појасни дека според Законот за спречување на корупција и судир на интереси, во моментов не постои сопственичка или управувачка поврзаност меѓу Томовски или неговото потесно семејство со компанијата Сити аутсорсинг.

Иако постојат индиции за пријателски релации со новиот сопственик, било утврдено во ДКСК, законот не ги дефинира пријателите како „блиски лица“, што го оневозможува утврдувањето на директен судир на интереси.

Дополнително, проверките во Електронскиот систем за јавни набавки покажале дека Сити аутсорсинг нема склучено договори директно со СОЗР под раководство на Томовски со фирмата којашто претходно ја основал и ја раководел неговиот татко, ама иако семејната поврзаност е прекината во 2021 година, Комисијата најави дополнителни проверки на неговата имотна состојба поради сомнежи за евентуални финансиски трансакции.

Случајот беше инициран од опозициската партија СДСМ, која изнесе тврдења за сериозна поврзаност на власта со приватниот сектор. Според нивните наводи, фирмата Сити аутсорсинг добила вкупно 161 тендер од различни државни институции, чија вкупна вредност изнесува околу 5,3 милиони евра.

Опозицијата потенцираше дека најголемите договори, главно за хигиенски услуги, биле склучени во текот на изминатата година, достигнувајќи вредност од речиси 500.000 евра. Како доказ за поврзаност, беа објавени и телефонски броеви за контакт на фирмата кои наводно воделе до името на Ивица Томовски, што тој и компанијата експресно го демантираа.

За ДКСК немало ништо спорно што токму нивното истражување преку Централниот регистар открило дека таткото на Томовски се повлекол од управувачката структура на Сити аутсорсинг во 2021 година, а од минатата година компанијата има нов сопственик.

Партијата Левица го идентификуваше актуелниот управител како Миличо Стрезоски од Струга, опишувајќи го како близок пријател на директорот. Анализата на податоците исто така потврди дека Ивица Томовски бил редовен донатор на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2021 до 2023 година.

Назначувањето на Томовски за директор на СОЗР се случи во јуни 2024 година.

И покрај запирањето на постапката за судир на интереси, ДКСК најави дека случајот не е целосно затворен. Поради големиот јавен интерес и индициите за релации со управителот на Сити аутсорсинг, комисијата ќе изврши детална проверка на имотната состојба на Ивица Томовски. Целта на оваа дополнителна истрага е да се утврди дали постојат евентуални финансиски трансакции меѓу компанијата и службеното лице кои не биле пријавени во неговиот анкетен лист. 

Томовски ја поздрави ваквата одлука, тврдејќи дека тоа е единствениот начин да ја докаже својата невиност, притоа најавувајќи тужба за клевета против СДСМ за изнесените обвинувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен