Експлозии го тресaт Техеран, Израел го бомбардираше Бејрут, брод погоден во Ормутскиот теснец

Техеран
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Дванаесеттиот ден е откако САД и Израел започнаа војна против Иран. Експлозиите го потресоа Техеран додека Иран тврди дека американските и израелските сили бомбардирале речиси 10.000 цивилни цели во земјата и убиле повеќе од 1.300 цивили од почетокот на војната.

Израелските сили бомбардираа зграда во центарот на Бејрут, предизвикувајќи голема материјална штета.

Денес, Советот за безбедност на ОН одлучува за резолуцијата предложена од Бахреин, со која се осудуваат нападите на Иран врз голем број арапски земји во регионот, објавува Ал Џезира.

Нацрт-резолуцијата го повикува Техеран веднаш да ги запре нападите врз Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Јордан. Исто така, се бара да престане да користи посреднички групи, таканаречени посредници, за извршување напади.

Утрово, Иран изврши нов бран напади врз израелски и американски цели на Блискиот Исток, а иранските државни медиуми известуваат дека тој е најинтензивен од почетокот на конфликтот. Израел и Иран разменија оган рано утрово, а Техеран продолжи со притисокот врз нафтената индустрија во регионот, погодувајќи брод во Ормутскиот теснец и таргетирајќи ја инфраструктурата, бидејќи загриженоста за глобалната енергетска криза се зголемува.

Франција ќе обезбеди 60 тони хуманитарна помош за Либан, објави денес францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, пишува Ројтерс.

Американскиот демократски сенатор Крис Марфи тврди дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп нема јасен план за една од клучните точки на војната со Иран – Ормутскиот теснец. По затворениот брифинг за конфликтот, Марфи рече дека стратегијата на Белата куќа е нејасна и нецелосна, особено кога станува збор за безбедноста на навигацијата низ тој стратешки премин.

Марфи објави на социјалната мрежа X дека учествувал на двочасовен брифинг за војната, одржан зад затворени врати. „Сите брифинзи се затворени затоа што Трамп не може јавно да ја оправда оваа војна“, напиша тој.

Најмалку девет лица беа убиени во американско-израелските напади врз иранскиот град Алигударз, пренесува новинската агенција Тасним. Според нивниот извештај, последната жртва на нападот е полковникот на Револуционерната гарда (IRGC) Сејед Ебрахим Мусавијан, пишува Ал Џезира.

Зачлени се на нашиот е-билтен