Над 600 илјади евра непотрошени средства од претходни години имаат на располагање битолските градинки, а од јануари цената за згрижување деца е зголемена од 1.500 на 2.000 денари, пишува Локал актив Пелагонија, онлајн медиум на заедницата.
На седница на Советот, кога беше изгласан преносот на вишокот средства од минатата во оваа година, опозицијата реагираше дека поскапувањето е неоправдано доколку градинките немаат финансиски проблеми.
„Неправилно и непотребно ја покачивме цената. Градинките немаат финансиски проблем, парите им стојат на сметка и не знаат како да ги искористат, а ние дополнително ги оптоваривме родителите“, изјави Димитар Кузмановски, советник од ЛДП.
И мнозинството во Советот се согласи дека парите треба да се искористат за подобрување на условите во градинките. Претседателот на Советот, Бојан Бојковски од ВМРО-ДПМНЕ, ги повика директорките да почнат поактивно да работат.

„Ги повикувам да си ги засукаат ракавите и да почнат да работат за градинките да бидат достоинствено место за најмладите. Ако немаат идеи, нека поднесат оставки. Финансии има, само треба да се работи“, изјави Бојковски.
Советот на Општина Битола во јануари донесе одлука за поскапување на услугите на општинските јавни претпријатија. Освен градинките, за над 30 проценти се зголемија цените за сместување во старечките домови, комуналните услуги, како и зонското паркирање.